ЕК го усвои Предлог-буџетот на ЕУ за следната година: 500 милиони се предвидени за Планот за раст на Западниот Балкан

од Илинка Илиоска
148 прегледи

Европската комисија го усвои Предлог-буџетот на ЕУ за 2025 година, кој изнесува 199,7 милијарди евра, информира денеска извршниот потпретседател на ЕК задолжен за економија во интерес на луѓето, Валдис Домбровскис.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, од вкупните средства во Буџетот на ЕУ за следната година, 2,2 милијарди евра се наменети за Инструментот за претпристапна помош (ИПА III), а 500 милиони евра за Механизмот за реализација на Планот за раст на Западниот Балкан, како дел од ставката за поддршка на европските партнери и интересите на Унијата во светот.

– Предлог-буџетот за 2025 година ги насочува средствата таму каде што можат да направат најголема разлика, во соработка и во согласност со потребите на земјите членки на ЕУ и нашите партнери ширум светот и да ја направат Европа поотпорна и попогодна за иднината во корист на граѓаните и бизнисите на ЕУ, истакна Домбровскис.

Остварувањето на ваквите цели ќе биде обезбедено преку поттикнување на зелените и дигиталните транзиции, преку создавање нови работни места и истовремено зајакнување на стратешката автономија на Европа и нејзината глобална улога.

Со Предлог-буџетот е предвидена континуирана поддршка за земјите од Западниот Балкан, за сириските бегалци во Турција и поширокиот регион на Блискиот Исток, за земјите од јужното соседство на ЕУ наменети за справување со миграцијата, како и за обезбедување стабилна и предвидлива поддршка за Украина.

Предвидено е годишниот буџет на ЕУ да биде надополнет со околу 72 милијарди евра наменети за исполнувањето на политичките приоритети на Унијата, согласно измените извршени во февруари годинава во Повеќегодишната финансиска рамка на блокот до 2027 година.

Од вкупните средства, 53,8 милијарди евра се наменети за Заедничката земјоделска политика, 49,2 милијарди евра за регионален развој и кохезија, 16,3 милијарди евра за поддршка на европските партнери и интересите на ЕУ во светот, 13,5 милијарди евра за истражување и иновации, 11,8 милијарди евра за издржливост и вредности, 4,6 милијарди евра за стратешки инвестиции, 4,3 милијарди евра за грантови во рамки на Украинскиот механизам, 2,7 милијарди евра за заштита на надворешните граници на Унијата, 2,4 милијарди евра за активности поврзани со животната средина и заштитата на климата, 2,1 милијарди евра за трошоци поврзани со миграцијата, исто така 2,1 милијарди евра за трошоци поврзани со Вселената, главно за Европската вселенска програма, 1,8 милијарди евра за справување со одбранбените предизвици, 977 милиони евра за да се обезбеди функционирање на Единствениот пазар, 784 милиони евра за безбедност, 583 милиони евра за задоволување на здравствените потреби на луѓето и 196 милиони евра за гарантирање безбедни сателитски врски во блокот.

Домбровскис соопшти и дека Комисијата ги утврдила и политичките насоки за земјите членки во рамките на пролетниот пакет на Европскиот семестар за 2024 година, со цел да изградат робусна економија за иднината, која ќе обезбеди конкурентност, издржливост и долгорочен просперитет за сите, истовремено одржувајќи здрави јавни финансии во услови на предизвикувачко геополитичко опкружување.

Според Домбровскис, ЕУ е решена да преземе дополнителни чекори за подобрување на својата долгорочна конкурентност, просперитет и лидерство на глобалната сцена и да ја зајакне стратешката автономија и за таа цел ќе продолжи да се справува со структурните предизвици кои ја попречуваат нејзината конкурентност, обезбедувајќи засилен раст на продуктивноста, поголеми инвестиции и справување со недостигот на работна сила и стручно оспособен кадар.

За остварување на овие цели, според Европската комисија, потребен е интегриран пристап во обезбедувањето макроекономска стабилност, промоцијата на еколошката одржливост, зголемувањето на продуктивноста и гарантирањето на правичноста.

Домбровскис информира и дека Европската комисија решила да одобри собирање потписи за две европски граѓански иницијативи, насловени „Воздушни квоти“ и „Стоп за уништување на видео игрите“.

Со иницијативата „Воздушни квоти“ се бара Еврокомисијата да воспостави механизам за квоти за емисии на јаглерод диоксид, што ќе ги опфати сите набавки на стоки и услуги, почнувајќи од воздушниот транспорт, со што ќе се охрабрат бизнисите да се декарбонизираат.

Втората иницијатива, „Стоп за уништување на видеоигри“ бара Еврокомисијата да им забрани на компаниите кои продаваат или лиценцираат видеоигри во ЕУ нивно далечинско оневозможување.

Според Домбровскис, двете европски граѓански иницијативи ги исполнуваат формалните услови утврдени со законодавството на ЕУ, па Комисијата оценила дека тие се законски прифатливи, без да ја анализира суштината на предлозите во оваа фаза.

Тој посочи дека иницијаторите на двата предлога сега имаат рок од шест месеци да започнат со собирање потписи. Процесот на собирање потписи ќе трае една година, при што за активирање на иницијативите потребно е да се соберат најмалку еден милион потписи на граѓани од најмалку седум различни земји членки на ЕУ. Доколку предлагачите ги обезбедат потребните потписи, ЕК ќе мора да реагира и да реши дали ќе преземе нешто како одговор на барањата и да го образложи својот став

Слични содржини