Европската комисија реагираше на говорот на претседателот Ѓорѓе Иванов вчера на Мечкин Камен, во кој тој изјави дека не го поддржува договорот со Грција за името.
Брисел порача дека очекува од сите страни да бидат конструктивни, јави дописничката на МИА од Брисел.
– Очекуваме од сите политички сили да играат конструктивна улога преку поддржување на заедничката стратешка цел на европската интеграција и да ја обезбедат имплементацијата на договорот, изјавија за МИА од Европската Комисија, по говорот на Иванов.
Како што јави дописничката на МИА од Брисел, Европската комисија потсетува дека го поддржува договорот помеѓу Грција и Македонија.
– Има повеќе чекори кои треба да се преземат во двете земји за договорот да стане дефинитивен, како што рековме ќе ги придружиме овие чекори најдобро што можеме, се вели во одговорот од ЕК.
Брисел бара граѓаните да учествуваат во референдумот и да ги искористат своите граѓански права, затоа што ова е „важен момент за одлучување на иднината на земјата“, велат од ЕК за МИА.
Во врска со инцидентите во Крушево, ЕК ги повикува граѓаните мирно да ги искажуваат своите ставови.