Во Европската унија, некои земји свесно или несвесно му помагаат на рускиот претседател Владимир Путин, а кандидатите за членство во ЕУ, како Србија, не ја ни кријат својата блискост, профитабилните зделки со Москва и поддршката за Русија, пишува во написот „Корисните идиоти на Путин“ на британскиот весник „Економист.
Со терминот од Студената војна „корисни идиоти“, весникот ги опишува владите и луѓето кои од различни причини, но главно од личен интерес, ги промовираат наративите на Путин на Запад и нанесуваат штета на нападнатата Украина.
Орбан, најголемиот поддржувач на Путин
Меѓу членките на ЕУ, весникот е првиот што ја споменува Унгарија, чиј премиер Виктор Орбан е најистакнатиот поддржувач на Путин, бидејќи тој упорно го критикува Западот дека и помага на Украина, но сепак увезува руска нафта и го блокира транспортот на помошта за Киев преку неговата територијата на земјата.
На второ место, според весникот, е Австрија, која повикува на неутралност, тврди дека е мост меѓу Истокот и Западот и нуди многу мала помош за Украина, чијашто надворешно-трговска размена со Русија неодамна процвета.
Друга членка на ЕУ, Грција, се согласи со санкциите на Брисел против Русија, но одби да го ограничи транспортот на руската нафта, што е многу профитабилно за грчките компании.
„Економист“ пишува дека Кипар, како оф-шор рај, се согласил да замрзне околу 40.000 руски сметки само по силен притисок од САД.
Како не-членки кои не трпат толку голем притисок, Турција и Србија не се ни обидуваат да ги сокријат профитабилните можности што и ги нудат на Русија за заобиколување на санкциите.
И Швајцарија и Шведска на тапет
Во текстот се споменуваат и Швајцарија и Шведска.
Швајцарија, наведувајќи ја неутралноста, ја блокира испораката на своето оружје во Украина и од трети земји, но во исто време продолжува да купува руско злато.
Стокхолм, од своја страна, со дозвола на судот да се запали Куранот на протестот, го предизвика гневот на Анкара и ветото на Турција за влезот на Шведска во НАТО, како и остри коментари од Путин.
Весникот посочува дека во Европа партиите на екстремната десница и екстремната левица, кои инаку се разликуваат во многу аспекти, често се обединети во нивното барање веднаш да се врати мирот во Украина, дури и ако тоа значело „за руската агресија да биде наградена со освоени и окупирани територии“ и даваат „зелено светло“ Русија да ја прошири својата територија преку војна.
Се проценува дека ваквите европски екстремни десничари и левичари и „интелектуалната“ опозиција ги обединува длабокиот антиамериканизам од Студената војна, а покрај разните теории на заговор, нивниот главен аргумент е дека ЕУ одвојува премногу пари за да и помогне на Украина.
Наративите на таквите партии и поединци се верно слични, а најмногу се сведуваат на фактот дека НАТО го испровоцира нападот на Русија, дека Украина е вештачка креација што и припаѓа на Русија и дека САД намерно додаваат масло на огнот за да продаваат оружје и да ја зачува својата светска хегемонија.
Како пример, весникот наведува дека лидерот на екстремната десница во Франција, Мари Ле Пен, потпретседателот на италијанската влада, Матео Салвини и лидерите на германската крајнодесничарска Алтернатива за Германија, како и Партијата на германската левица се единствени во ваквите ставови.