Победата на Доналд Трамп на претседателските избори во Соединетите Американски Држави главно ќе има негативно влијание врз економиите на Европа и Германија, е заклучокот од истражувањето објавено денеска на Институтот за економски истражувања ИФО од Минхен и весникот „Франкфуртер Алгемајне Цајтунг“ (ФАЦ), во која учествуваа 180 економисти.
Како што се наведува, 20 отсто од економистите очекуваат дека реизборот на Трамп ќе има многу негативни последици врз економскиот раст на Германија, а 69 отсто наведуваат дека ефектите ќе бидат доста негативни.
Седум отсто од испитаниците сметаат дека доаѓањето на Трамп нема да влијае на германската економија, само два отсто од испитаниците сметаат дека ефектите ќе бидат позитивни, а два отсто рекле дека не го знаат одговорот.