По десет години владеење на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ, Македонија стана дисфункционална држава, пишува во колумна за ДВ, поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер. Дали изборите ќе донесат промена?
Поранешната германска амбасадорка во Македонија, Гудрун Штајнакер неодамна одржа предавање на тема Македонија во рамките на конференцијата посветена на ЈИ Европа. Оваа колумна е извадок од нејзиниот реферат на тема „Опасностите за опстанокот на Македонија од внатре и од надвор“.
Иво Банац во својата книга „Националните прашања во Југославија“ од 1984. година Македонија ја нарекува „најнесреќната провинција во европска Турција“. Британскиот патеписец Патрик Лај Фермор во својата книга „Прекинатиот пат“, која се темели на неговиот дневник воден за време на неговотo патување „пеш“ од Холандија до планината Атос на почетокот на 30-те години, за Македонија пишува: „За овој цел регион, за кој се водат жешки дебати, трите држави (Грција, Југославија и Бугарија во 30-те) тврдат дека е нивен, натпреварувајќи се меѓусебно со беспоштедна омраза.“
Денешната критична состојба на Република Македонија може да се разбере само со земање во предвид на комплексната историја на оваа мала земја во последните сто години.
На територијата на Македонија се преклопувале аспирациите на Грција со нејзината мегаломанска идеја; на Бугарија со нејзиниот концепт за Голема Бугарија следствено на Санстефанскиот мировен договор од 1878 година; на Србија со Начертанието од Илија Гарашанин од 1844 па до Меморандумот на Српската академија на науки од 1986 година и на Албанија со во 1998. година објавената Платформа на Албанската академија на науки.
Етничка, верска и културна хетерогеност
Карактеристично за Македонија на почетокот на 20-тиот век беше голема етничка, верска и културна хетерогеност, како што опишува германскиот географ Леонард Шулце-Јена во своето дело „Македонија, пејсажни и културни слики“ од 1927. година. Структурата на населението оттогаш значително е променета како резултат на војните, протерувањата и бегалските бранови. Бидејќи пописот во 2012-та година беше прекинат, не постојат актуелни податоци за населението во денешна Република Македонија.
Стремежот на македонските бунтовници во првата половина од 20 век кон автономија за цела Македонија бил безуспешен. Османлиското царство ги задуши сите востанија, а Крушевската Република од 1903 година стана мит. Во Балканските војни во 1912 и 1913 година, кои однесоа бројни цивилни жртви, првенствено меѓу муслиманите, Македонија беше поделена меѓу Грција, Србија и Бугарија. Овие граници во глобала се задржани до денес. Сите три држави се обидоа да го асимилираат православното-словенско население. На почетокот на 20-те години, со населувањето на стотици илјади грчки бегалци од Мала Аазија, во основа се промени етничкиот состав на Егејска Македонија (Грција). Последиците од грчката граѓанска војна од 1947 до 1949, по која десетици илјади комунисти, меѓу нив и бројни Македонци кои избегаа од северна Грција, до денес ги оптоваруваат односите со Грција. Грција во 1980-те години дозволи враќање на „Грците“, вклучувајќи и реституција на нивниот имот, но до денес истото им го забранува на „Македонците“, непризнавајќи го македонското малцинство.
Спротивно на Привремената спогодба од 1995 година и наспроти меѓународните посреднички напори, Грција- членка на НАТО и на ЕУ, го блокира процесот на прием на Македонија во членство, непризнавајќи го државното име и претендирајќи на античкото наследство на регионот.
Бугарија во 1991. година меѓу првите држави ја призна независноста на Македонија, но не и постоењето македонска нација и јазик, ниту македонско малцинство. Десетици илјади Македонци во последните години се стекнаа со бугарски пасош.
Српските добри односи со Македонија не се ослободени од некогашните хегемонистички аспирации. Меѓу двете православни цркви се трасира патот за приближување, но Македонската православна црква до денес не е призната поради српскиот отпор.
Официјално добрите односи кон Албанија и Косово се оптоварени со тензиите меѓу македонското мнозинско население и албанското малцинство.
Повеќе ТУКА