Екс-директорката Иљази обвинета за злоупотреба на службена положба, ја оштетила Токсикологија за над 10 илјади евра

од Nikola Popovski
159 прегледи

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против поранешната директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување од член 353 став 1 од Кривичниот законик.

Како што се наведува, Иљази, во својство на организациски директор на Јавна здравствена установа – Универзитетска клиника за токсикологија, ги пречекорила своите службени овластувања со намера да овозможи противправна имотна корист за 17 лица. Постапувајќи спротивно на Законот за спречување корупција и судир на интереси, Изборниот законик и Законот за здравствена заштита во мај годинава склучувала договори за дело со лицата за нивно работно ангажирање на Клиниката, по што ретроактивно издавала платни налози со кои им исплаќала месечен надомест за нивен претходен наводен работен ангажман.

-На списокот додавала и лица со кои воопшто не бил склучен договор за дело и на кои исто така им се исплаќал надомест за наводно извршени работи. На овој начин буџетот на Клиниката бил оштетен за сума од 659.781 денар, а истовремено на ангажираните лица им била овозможена противправна имотна корист, посочуваат од Обвинителството.

МВР веќе поднесе кривична пријава против неа.

Скандалот со Иљази во јавноста го открија вработени од Клиниката, кои во април преку писмо до медиумите и потоа и на прес-конференција, образложија дека таа незаконски бутка да се вработат 18 лица, дека не знае да зборува македонски јазик и на работа функционира со преведувачка.

Иљази велеше и дека на 28 февруари било испратено барање до Министерството за здравство, кое било прифатено и од каде што добиле дозвола дека слободно може да се направат договорите за вработувањата. Иљази самоуверене пред медиумите кажа и дека таа не може да биде обвинета за ништо, затоа што работи транспарентно и професионално, почитувајќи ги законите.

Претходниот министер за здравство, Илир Демири на сите прес-конференции упорно ја бранеше Иљази дека работи законски, и на еден настан, им рече на новинарите: „Каде бевте со години да прашувате за разни други теми, сте се фатиле за Бесија Иљази“.

Слични содржини