Германски компании учествуваат во експеримент во кој поради хроничен недостиг на работна сила ќе се воведе четиридневна работна недела и ќе се мери продуктивноста на работниците, пишува „Блумберг“.
Експериментот, во кој учествуваат 45 компании, ќе започне на први февруари и ќе трае шест месеци, а вработените ќе можат да ги задржат досегашните плати и покрај намалените саати, пишува весникот. Целта на студијата е да се потврди дали тврдењата на синдикатот дека луѓето кои работат помалку не само што се посреќни или поздрави, туку се и поефикасни.
Состојбата на германскиот пазар на труд, и покрај падот на индустриското производство, е лоша, сметаат секторските лобисти, според кои половина од германските компании се мачеле да пополнат работни места минатата година. Големата софтверска компанија SAP SE престанала да бара дипломи од апликантите уште во 2022 година, а гигантот за недвижнини Vonovia минатата година побарал луѓе во Колумбија за да ги пополнат празнините во персоналот.
Се предвидува дека до 2035 година, повеќе од седум милиони луѓе ќе го напуштат германскиот пазар на труд како резултат на комбинација на пад на наталитетот и стареење на населението.
Според истражувањето на „Галуп“, нискиот ентузијазам на работниците ја чини глобалната економија 8,1 милијарди евра годишно, или девет отсто од светскиот БДП.
Иако идејата има противници, сепак нејзините поборници велат дека претходните експерименти во САД и Канада покажале дека се можни придобивки во перформансите.
Во претходните експерименти, работниците пријавиле општо подобрување на нивното здравје, а ниту една компанија не се вратила на петдневната работна недела.
Во Британија во слична програма учествувала 61 компанија. Работните резултати биле добри, а боледувањето се намалило за 65 отсто. Во Португалија, 20 отсто од работниците рекле дека се чувствуваат подобро и дека спијат подобро.
Белгија стана првата европска земја која нуди четиридневна недела како опција, со иста неделна саатница. Јапонија воведе мерки за да ги охрабри своите компании да им понудат на работниците пократка работна недела со надеж дека наталитетот ќе се зголеми.