Експериментот на Ердоган со лирата е тест за неговата моќ

од Vladimir Zorba

Проблемите со турската лира се закануваат да ја уништат контролата на претседателот Реџеп Таип Ердоган врз економијата, давајќи им нов наплив на моќ на неговите противници, наведува „Блумберг“ во анализа.

На почетокот на неделата, имаше мали протести во Истанбул и Анкара со барање за ставање крај на лошите политики што доведоа до брзо забрзување на инфлацијата и ја предизвикаа најдолгата серија загуби за турската валута во последните две децении. Полицијта крена бариери во делови од трговскиот главен град на земјата додека демонстрантите го изразија гневот кон владејачката Партија на правдата и развојот (АКП).

Неконвенционалната политика на ниски каматни стапки на Ердоган има за цел брз раст, отворање работни места и е обид да ја врати неговата поддршка пред претстојните и клучни претседателски избори во 2023 година. Засега, сепак, ценовните шокови имаат спротивен ефект. По две децении на власт, неговата партија можеби стигна до точка од која нема враќање.

Аналитичарите, ветераните на централната банка и противниците предупредуваат – инфлацијата, која веќе е од редот на 20%, дополнително ќе расте, што повеќе Турци ќе ги направи посиромашни и полути.

„Последните земјотреси ќе ги турнат неопределените гласачи, незадоволни од економските прогнози, во редовите на опозицијата“, предупреди Џан Селчуки, шеф на истанбулската социолошка агенција Turkiye Raporu. „Шансите владејачката партија да падне под 30 отсто поддршка постојано се зголемуваат“, рече тој.

Стимулирањето на растот преку кредитирање функционираше за Ердоган во минатото. Но, кумулативните ефекти од овие политики – растечката нееднаквост и штетата од пандемијата на коронавирус – значат дека можните трошоци овојпат ќе бидат многу повисоки.

Лирата поевтини во вторникот, откако за прв пат достигна цена од повеќе од 13 лири за долар, што го означи вториот најголем пад на вредноста во последните 20 години. Приносите на 20-годишните турски обврзници се зголемија на 21,1% – највисоки од мај 2019 година.

Турската валута изгуби две третини од својата вредност само во последните три години, со што животот во земјата за 84 милиони жители стана уште поскап.

Претседателските избори ќе бидат први по изненадувачката загуба на владетелите на изборите за градоначалник во 2019 година во клучни градови како Анкара и Истанбул. Ова е прва ваква загуба на АКП по четвртина век. Претходно во вторникот, Ердоган ја отфрли можноста за предвремени избори.

„Околу 60 отсто од населението изгуби секаква надеж во способноста на владата да ги реши економските проблеми на Турција во следните 12 месеци“, рече Мехмет Али Кулат, шеф на социолошката агенција MAK Danismanlik.

Според него, уделот на поддршката за АКП меѓу најверојатните гласачи се очекува да падне под 30 отсто поради економските случувања во споредба со 43 отсто на последните општи избори во 2018 година.

Ердоган постојано докажувал дека е способен за политички пресврти од 180 степени кога ќе се соочи со шокови на пазарот. Во 2018 година, усвои две големи зголемувања на каматните стапки за да го запре намалувањето на вредноста на лирата. Тој дозволи два други циклуси на затегнување во претходните пет години, сето тоа додека ја задржуваше позицијата дека високите каматни стапки ја поттикнуваат инфлацијата.

Но, сигналите овој пат може да бидат различни.

„Прагот на толеранција овој пат е многу повисок, пред да видиме пресврт на девизниот курс, со оглед на зајакнатата спротивставеност за зголемувањето на каматните стапки и, според нас, нејзиното поголемо влијание врз монетарната политика“, рече Феникс Кајлан, стратег во Societe Generale. Овој пат е потребна многу позначајна девалвација на валутата, пред турските централни банкари да интервенираат и да го ограничат потопот, додаде тој.

Централната банка, која употреби вербална интервенција пред извонредното зголемување на каматните стапки во претходните кризи на лирата, овој пат сигнализираше дека таквите акции остануваат малку веројатни.

По состанокот меѓу гувернерот Сахап Кавјоглу и Ердоган во екот на падот на лирата во вторникот, банката соопшти дека депрецијацијата е прекумерна, но не понуди одговор на кризата.

Ибрахим Турхан, опозициски политичар кој порано беше заменик-гувернер на централната банка, рече дека инвеститорите го свртеле грбот на верувањето дека монетарните власти всушност имаат одредена контрола врз ситуацијата.

„Инфлацијата ќе го поттикне намалувањето на вредноста на лирата. И послабата лира повторно ќе ја поттикне инфлацијата. Тоа е спирала“, рече тој.

Слични содржини