Експерти: Нема опасност од црногорско сценарио под руско влијание во Македонија

од desk4
136 прегледи

 Договорот со Грција ја носи Македонија на прагот на полноправно членство во НАТО Алијансата, а според последните информации од Грција и премиерот Зоран Заев, руски дипломати пробувале да го нарушат процесот и истиот да не успее.

Сепак, интересот на Русија не може да предизвика црногорско сценарио во Македонија, бидејќи двете земји се во различна положба во однос на интересите на Москва на Балканот, велат за 1ТВ, директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска и долгогодишниот новинар Мирче Адамчевски.

-Значењето на Црна Гора во однос на Русија е многу поголемо, поради капиталот, контактите што ги имаат и поради традиционалната наклонетост на дел од населението којшто се идентификува повеќе со Србија, кон Русија. Во Македонија таква тенденција немаме. Поддршката којашто на терен би ја нашла Русија во Македонија е компаративно помала, вели Кацарска.

Адамчевски пак, смета дека токму тоа што поддршката на македонскиот народ е ориентирана кон НАТО и ЕУ е цврста причина за да нема опасност од инсталирање на Русија во државата. Службите, вели тој, на неколку политички центри се присутни во регионот, но НАТО нема да дозволи повторување на црногорското сценарио.

-Не очекувам да се повтори црногорското сценарио во Македонија од проста причина што во Македонија над 70% од населението е за влегување во НАТО и во ЕУ. Во Црна Гора беа поделени пола – пола и голем дел од населението се противеше на влегувањето во НАТО и дојде до ескалација на ситуацијата, изјави Адамчевски.

Новинарот сепак повторува дека за државата воопшто не би било добро доколку се повтори политичката криза од пред три години.

 -Постојат обиди, и тоа претставува одредена опасност за нарушување на политичката состојба во Македонија. Во моментов на Македонија не и е потребна политичка криза, вели тој.

За тоа на кој начин Русија влијае овде, Кацарска вели најсилниот механизам на Москва е што пробува да ја поткопа позицијата на САД и ЕУ на Балканот, вклучувајќи ја и Македонија, така што себе си се претставува за подобна алтернатива.

-Клучни карактеристики на дејствувањето на Русија, особено во овие делови на Европа е да ја искористи нестабилноста што веќе постои бидејќи на тој начин таа исто така поттикнува нестабилност во самата ЕУ, ја подринува улогата на ЕУ и САД како промотори на стабилност, бидејќи ако ја подриете нивната стабилност, тогаш веќе не сте лошата алтернатива, смета Кацарска.

-Обидите на Русија да го поткопа процесот нема да бидат успешни и гледаме дека не се директно од Русија, туку веќе зборуваме за посредници, коишто ќе сакаат да направат нешто. За мене е поважен внатрешниот од надворешниот фактор, додава Адамчевски.

Влијанието преку руски бизнисмени, оперирајќи преку Грција, информација која во јавноста ја обелоденија новинарите од Истражувачката лабораторијата на Македонија, Кацарска вели, сепак има економски аспект.

-Енергетски сме секако зависни, меѓу најзависните во регионот и тука е точката каде што го гледам реално нивното силно влијание коешто би можело да се случи долгорочно во однос на одлуките каде ќе бидат гасоводите кои веќе долги години се отворени, вели Кацарска.

Но и покрај економските структури, важни за Москва на овие простори, Премиерот Зоран Заев, на прес-конференција со еврокомесарот Јоханес Хан, децидно потенцираше: За Македонија нема друга алтернатива освен НАТО и ЕУ, а со Русија…владина цел е само унапредување на односите.

Слични содржини