Експерти предупредуваат: Изборните ветувања за зголемување на пензиите убаво звучат, но можат да го дестабилизираат пензискиот систем

од Vladimir Zorba

Линеарно зголемување на пензиите со 5.000 денари, пензионерско семејство со минимум 25 000 денари, просечна пензија од 30.000 денари… Партиите не ги штедат изборните ветувања во желбата што повеќе да им се додворат на највозрасните граѓани.

Дилемата колку се овие најави реални, а колку само во делот на розовите мечти, е засега оставена по страна, но експертите веќе предупредуваат за нејзините негативни последици.

Како особено спорни ги посочуваат огромните трошоци кои ќе доведат до дестабилизицаија на Фондот за ПИОМ на среден рок.

„Сите економисти, вклучително и тие во политичките партии знаат дека ветувањето за 5.000 денари на секој пензионер, е остварливо, меѓутоа има баснословен трошок. Тоа ќе значи годишно околу 330 милиони евра дополнителни средства за ПИОМ, значи тоа е да кажеме 60% од дефицитот на целиот буџет лани, кој сам по себе беше голем; односно, средства кои ПИОМ ги нема. ПИОМ добиваше близу 50% од расходите за пензии од централниот буџет во периодот 2015/2016 година.

Се направи блага реформа во 2019, со мало золемување на пензискиот придонес и интервенции кај заменските стапки, со што денес, дефицитот кај ПИОМ се намали до околу третина, значи тоа е сепак вредно постигнување.

Со исполнување на ветувањето за зголемување на пензиите, не само што тоа постигнување ќе биде збришано, туку и фондот ќе се дестабилизира на среден рок“, вели за Локално „Благица Петрески“ од „Фајненс Тинк“.

Изборните најави како контрапродуктивни ги смета и универзитетската професорка Јадранка Мршиќ бидејќи како што вели, можат да ја пореметат поставената рамнотежа меѓу финансиската стабилност на ПИОМ и адекватниот износ на пензиите. Детерминантите се утврдени врз основа на сегашни и идни демографски и економски показатели што формираат сложувалка која нема да може да се состави ако некоја од детерминантите има негативна промена, вели за „Локално“, професорката Мршиќ.

„Владите треба да водат конзистентна  и одговорна политика во однос на пензиите и да не вршат ад хок измени кои ја пореметуваат поставената рамнотежа на целиот пензиски систем. А токму тоа ќе се постигне ако се реализираат најавите за линеарно зголемување на пензиите со што трошоците за пензии би пораснале за скоро 300 милиони евра годишно во услови кога во исто време нема никакви изгледи за зголемување на приходите на Пензискиот фонд за тој износ, со што директно ќе се зголеми дефицитот на буџетот на Фондот и ќе претставува удар на неговата финансиска стабилност“, вели Мршиќ.

Во оваа насока, како другата страна од медалата, Мршиќ ги коментира се погласните навестувања  за пензиска реформа која подразбира  дури и корекција на старосната граница за пензионирање.

„Подигнување на старосната граница за пензионирање е неизбежна мерка како одговор на предизвикот на демографските промени на зголемување на животниот век што претставува сериозна финансиска закана за пензиските системи со тековно финансирање. Но, ова прашање е деликатно заради многу причини и бара соодветен одговор во смисла на избор на опфатени професии, поставување потребна динамика на спроведување и некои други решенија кои ќе бидат вистински одговор на актуелните услови и потреби на економијата. И постепеното зголемување на придонесот за пензиско осигурување до нивото на кое се правени проекциите за извршената длабинска реформа на македонскиот пензиски систем би ја закрепнало финансиската состојба на Фондот“, објаснува Мршиќ.

Меѓу спорните точки во низата најави на политичките партии, експертите ги посочуваат и оние за повисоки плати, вклучително и повисока минимална плата. За Петрески ова е веќе вообичаено практика, да ветуваат, но притоа  да го заобиколуваат одговорот на прашањето „како тоа ќе се постигне“, или едноставно на тоа прашање да немаат одговор.

Не е дека тие се неостварливи, меѓутоа прашањето е во какви околности. Точно е дека моментално околу 2/3 од реалниот раст на платите е последица на затегнатитот пазар на труд кој се соочува веќе со хроничен недостиг од квалификувана работна сила, и тоа ги притиска платите. Но, од друга страна, нашите пресметки покажаа дека околу 7-10% од растот на цените низ кој поминавме во претходните две години – иако навидум мал процент, сепак не смее да се занемарува – произлегол од порастот на минималната плата кога таа одеднаш се зголеми од 15.200 на 18.000 денари. Оттука, растот на платите и пензиите мора да се гледа во контекст и на животниот стандард, но и на вкупната макроекономска слика“, потенцира Петрески.

Мршиќ и Петрески се децидни дека  вистинската дебата која вусушност треба  да се води е како да создадеме поголема додадена вредност, повисока продуктивност и пониска сива економија, а потоа да дискутираме како ќе го делиме колачот преку платите и буџетот.

Ваква дискусија , базирана на современи модели за поттикнување на економскиот раст,  според нив треба  да биде вистинскиот фокус во политичките програми бидејќи само на тој начин можеме да направиме позитивен исчекор во вкупната економска ситуација во државата.

К.В.С.

Слични содржини