Експертите предупредуваат за силни ветришта во Грција во следниве денови

Брзината на ветровите може да биде до 100 километри на час.

од desk2
52 прегледи

Силни ветришта се очекуваат во Грција следниве денови, со налети до 9 Бофоровата скала (односно, и до 100 километри на час), соопшти Националната метеоролошка служба (EMY) во временската прогноза денеска.

Северните ветрови во Егејското Море и на истокот на Грција ќе се засилат значително денеска и така ќе биде барем до недела, што ќе го зголеми ризикот од шумски пожари.

Според експертите, се предвидуваат силни ветрови над источното грчко копно, во централниот и јужниот дел на Егејското Море, како и на Крит.

Најтешкиот ден се очекува да биде утре, смета Министерството за климатска криза и цивилна заштита – со зголемен ризик од шумски пожари и потенцијални проблеми за бродскиот транспорт.

В сабота се очекува брзината на ветерот да достигне 7 до 8 на скалата Бофор, додека в недела локално ветровите ќе достигнат до 7 Бофори.

Температурите во Западна Грција постепено ќе растат, достигнувајќи од 38 до 39°C за време на викендот, а локално и до 40°C.

Во источните делови на земјата, поради северните Етезиски ветрови – познати во Грција како „Мелтеми“ – кои вообичаено дуваат над Егејското Море во текот на летото, температурите ќе останат пониски, не надминувајќи 35 до 37°С.