Експлозија и пожар се случиле поради истекување гас на подземен гасовод во Чувашија, Русија, а тој моментално е затворен, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации. Во соопштението се наведува дека при експлозијата загинале три лица, а едно е повредено,
Според првичните податоци, пожарот настанал поради истекување на гас во подземниот гасовод.
Станува збор за магистрален гасовод во централниот дел на Русија, преку кој гасот оди од Арктикот преку Украина до Европа, изјави лидерот на Република Чувашија, Олег Николаев.
Локалната единица на рускиот енергетски гигант „Газпром“ соопшти дека гасот се доставува до клиентите целосно преку паралелни цевки по оштетувањето на делот од гасоводот Уренгој-Помари-Ужхород.
Локалните служби соопштија дека до детонацијата дошло поради истекување на гас во подземниот дел од гасоводот недалеку од селото Џамбахтино и дека ќе се преземат итни чекори за отстранување на проблемот, поправки и обновување на нормална работа на гасоводот. .
Експлозијата се случила во текот на планираните ремонтни работи на дел од гасоводот, соопштија руските служби.
Поправката на оштетениот дел од гасоводот би можела да трае три дена.