Страшна експлозија се случи во угостителски објект во Урошевац денес околу 15 часот.
Според приштинските медиуми, експлозијата се случила во угостителски објект во Урошевац, а 42 лица биле повредени.
Медиумите јавуваат дека четири лица се во критична состојба, и дека 12 од нив биле пренесени во болницата во Приштина. Меѓу повредените се и две деца.
Директорот на Ургентниот центар во Приштина, Басри Ленјани изјави дека двајца од повредените се во операционата сала. Тој посочува дека повредените се пренесени на Клиниката со повреди од втор степен, со изгореници на лицето и горните и долните екстремитети, пренесува порталот „Лајми“.
Се наведува дека најверојатна причина за експлозијата била плинска боца во објектот „Вилиџ“ во населбата Село. Гости и вработени во ресторанот беа повредени.
Бројни полициски сили, пожарникари и екипи на брза помош се наоѓаат околу местото на експлозијата.
Првите снимки од експлозијата се појавија на социјалните мрежи, а може да се забележи дека се оштетени и автомобилите што биле паркирани во близина.