Екстремни горештини и во наредните денови, Владата ги продолжи мерките и препораките

од Nikola Popovski

Владата на Република Северна Македонија на вечерашната седница ја разгледа Информацијата од Министерството за здравство за високите температури што се очекува да продолжат од утре и усвои соодветни препораки.

Мерките кои Владата ги препорачува се ослободување од работни обврски на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, чии работни ангажмани не е можно да се спроведат преку онлајн работа. Односно, ослободување од физичко присуство на работното место на најранливите групи население, како што се: бремените жени и лица на возраст над 60 години, со организирање онлајн работата, таму каде техничко-технолошкиот процес го овозможува тоа.

Согласно добиените информации, Владата одлучи:

• Државните органи и јавните претпријатија и установи да ги почитуваат препораките;

• Владата препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел заштита од директна сончева изложеност на работниците, пред сѐ избегнување престој на отворено во периодот од 11:00 до 17:00 часот;

• Сите правни субјекти кои вршат активности на отворено, да ги запрат активностите во периодот од 11:00 до 17:00 часот, а ова особено се однесува на работата на градежните работници;

• Градинките треба да го организираат работното време во периодот од 7:00 до 17:00 часот, со тоа што не треба да практикуваат физичка активност и да не се изнесуваат децата на отворено по 11:00 часот.

Владата одлучи овие мерки да бидат со времетраење од 9 дена, од 17 – 25 јули, до натамошно одлучување.

Времето денеска ќе биде сончево и многу топло со мала локална облачност и со слаб до умерен ветер од северен правец. Највисоката дневна температура се очекува да достигне до 40 степени во Гевгелија.

Во Скопје сончево и многу топло со слаб ветер претежно од северен правец. Температурата ќе се искачи до 38 степени Целзиусови.

Слични содржини