Американската компанија за електрични возила Tesla се откажа од една претходно најавена мерка во врска со продажните салони и најави друга мерка што најверојатно нема да им се допадне на клиентите.
Компанијата на Елон Маск ќе продолжи со најавеното преминување на онлајн продажба, но сепак ќе остави во функција дел од продажните салони, наспроти претходните планови.
Но, ќе ги поскапи своите модели.
Автомобилот Model 3 на Tesla и понатаму ќе биде достапен по цена од 35.000 долари, но цените на другите модели ќе се зголемат за 3%.
Не е прецизирано колку од продавниците сепак ќе бидат затворени, но се знае дека ќе биде само половина од првично планираниот број.
Компанијата Tesla има 378 продажни салони и услужи центри ширум светот и околу 100 продавници низ САД.
Останатите продавници ќе имаат помалку вработени, а на располагање ќе имаат возила за пробни возења и одредени залихи во случај некој да сака веднаш да купи автомобил.
Извршниот директор Маск на 28 февруари соопшти дека е неопходно да се намалат трошоците за да се оствари профитабилност од продажбата на Model 3 по цена од 35.000 долари.
„Тоа е цената што е потребна за да се допре до повеќе клиенти и да се генерира продажба што ѝ е неопходна на компанијата за да опстане“, рече тогаш Маск.