Европската агенција за лекови (ЕМА) препорача употреба на вакцината на „АстраЗенека“ против Ковид-19 во сите старосни групи и тоа е силен сигнал до сите граѓани дека се работи за безбедни и ефикасни вакцини, велат од Европската комисија.
Во врска со информациите дека Германија и Белгија изразиле сомнежи во врска со ефикасноста на вакцината на „АстраЗенека“ кај лица постари од 65, односно 55 години, Комисијата наведува дека е во надлежност на земјите-членки да одлучуваат за „дополнителни и построги“ барања за употреба на некои вакцини, се додека тоа не е во спротивност со препораките на ЕМА.
Европската комисија апелираше и до интернет-платформите, како што се Фејсбук, Твитер, Јутјуб и Гугл, итно да работат на решавање на дезинформациите што се појавуваат на социјалните мрежи кога станува збор за вакцините против коронавирусот.
„Живееме во глобална здравствена криза, а проверените информации можат да спасат животи“, соопшти Брисел.
ЕУ потенцира дека од договорените 2,6 милијарди вакцини за ЕУ-27, во моментов се произведуваат 1,2 милијарди, што, според очекувањата на Брисел, треба да овозможи 70 проценти од населението да се вакцинираат во ЕУ до крајот на летото.