Европската агенција за лекови (ЕМА) денес ја одржа својата редовна конференција за вакцини и лекови против Ковид-19.
На конференцијата беше речено дека сите четири вакцини одобрени од Европската унија (оние од „Фајзер“, „Модерна“, „АстраЗенека“ и „Џонсон и Џонсон“) штитат од соевите што моментално циркулираат и дека тие особено штитат од потешки форми на заболувања и хоспитализација.
Агенцијата соопшти дека континуирано ги следи мутациите на вирусот и нивното влијание врз ефикасноста на вакцините. Таа предупредува дека со оглед на брзото ширење на делта-варијантата, од исклучително значење е да се вакцинираат што повеќе луѓе.
Прелиминарните податоци покажуваат дека е потребно да се примаат двете дози на вакцината за да се постигне соодветна заштита од делта-сојот.
ЕМА изјави дека здравствените работници и вакцинираните со вакцини Комирнати и Спајквакс (Фајзер и Модерна) треба да бидат свесни дека постои можност за развој на симптоми на миокардитис и перикардитис. Според достапните податоци, овие симптоми се обично лесни и по одмор и третман има подобрување на здравјето.
Фактот дека некој имал здравствени проблеми или починал по вакцинирањето не мора да значи дека причина за смртта била вакцината, според ЕМА. Ова може да биде предизвикано од други здравствени проблеми кои не се поврзани со вакцинирање.
ЕМА и земјите-членки на ЕУ континуирано ги следат извештаите за несакани реакции по вакцинацијата за да откријат нови безбедносни проблеми.
На конференцијата беше речено и дека ни требаат ефективни методи за лекување на заболени од ковид-19 за да ги спасиме своите животи и да ја ставиме пандемијата под контрола.
ЕМА во моментов ја проценува употребата на „Олумиант“ кај хоспитализирани пациенти на кои им е потребен дополнителен кислород. Таа додава дека ги следи резултатите од четири третмани со моноклонални антитела и нивните комбинации.
Агенцијата, исто така, соопшти дека го разгледува барањето за проширување на употребата на „Спајкевакс“ на помлади лица, на возраст од 12 до 17 години и очекува одлуката да биде донесена до крајот на следната недела.