Емотивен говор на мајка од Кочани: „Кој од службените лица ќе ги тргне плакатите, наша солза да го стигне“

од Nikola Popovski
1,3K прегледи

Пред полициската станица во Кочани, на денешниот 17-ти „Марш на ангелите“, мајка на настрадано девојче од пожарот во дискотеката „Пулс“ имаше емотивна изјава. Таа порача дека „кој од службените лица ќе ги тргне плакатите, нашите солзи да го стигнат“.

-99% вие сте виновни за смртта на нашите деца. 99%. Каде е сега началникот да излезе? Сакам да ги видам од сите дипломите што ги вработија сега? Каде е началникот? Секој што ќе ги тргне плакатите од тука, наша солза да го стигне, кажа мајката на загинатото девојче.

Маршот започна од Градскиот парк во Кочани, а движењето продолжи кон трговскиот центар, седиштето на општината, локалната канцеларија на Министерството за внатрешни работи, се до Основниот суд и Кочанското обвинителство.

Минатата сабота, маршот не се одржа поради државниот празник 2 Август – Илинден.

Секоја сабота, родителите на загинатите, повредените, нивни роднини, но и граѓани организираат марш низ кочанските улици за да ги потсетат институциите на пропустите пред трагедијата во „Пулс“ и да искажат незадоволство од делови од истрагата и полициските активности. Облечени во црно, држејќи ги фотографиите на загинатите најмили, родителите и најблиските упатуваат пораки за правично судење, но и на политичарите им укажуваат да не ги злоупотребуваат за политички поени.