Енчев „стравува“ од укинување на ветото во ЕУ: „Македонија ќе помине низ величествениот влез, а Бугарија ќе остане со гордо крената глава, но без никакво влијание“

„Ако ветото се отстрани, Софија ќе ја изгуби својата најмоќна алатка. Денес оправдувањето е „итноста“ за Украина и Молдавија“, смета бугарскиот дипломат Енчев

од Nikola Popovski
39 прегледи Фото: ФБ профил на Велизар Енчев

„Бугарија постави услови за Република Македонија во врска со нејзината историја, јазик, устав и правата на Бугарите таму. Неодамна, поради про-македонското лобирање во ЕУ, некои евркомесари ги сметаа овие услови за досадна „регионална драма“. Но, ако ветото се повлече, одлуката ќе се донесе со квалификувано мнозинство и Македонија ќе ги започне преговорите со ЕУ без да ги исполни своите обврски – и според планот на Макрон (2022) и според Договорот за пријателство со Бугарија (1997)“. Вака гласи текстот на бугарскиот дипломат и поранешен амбасадор, Велизар Енчев, објавен во бугарските медиуми, откако како што пишува, во Брисел се зборува сè повеќе за укинување на правото на вето во Советот на ЕУ, особено за прашања поврзани со надворешната политика и проширувањето.

Тој смета дека тогаш „бугарските протести ќе звучат како ехо во празна сала“.

„Ако ветото се отстрани, Бугарија ќе ја изгуби својата најмоќна алатка. Денес оправдувањето е „итноста“ за Украина и Молдавија. Но, утре аргументот ќе биде „стабилноста“ на Балканот. И потоа Република Македонија ќе влезе низ величествениот влез, а Бугарија ќе остане на скалите – со гордо крената глава, но без никакво влијание“, пишува, меѓу другото, Енчев во својата анализа.