„Energija Balkana“: Трговијата со струја е еден од најголемите бизниси во С. Македонија – 10 компании заработиле 770 милиони евра

од Nikola Popovski
190 прегледи

Трговијата со струја во Северна Македонија е еден од најголемите бизниси, а 10 водечки компании кои тргуваат со струја лани заработиле 770 милиони евра, но приходот им бил значително поголем од профитот, а неколку од нив имале и милионски загуби, пишува специјализираниот српски портал „Energija Balkana“.

Од 10 компании, седум ја завршиле 2021 година со добивка, а најуспешната имала добивка помала од еден милион евра, додека најголемата загуба изнесувала 16,5 милиони евра.

Во трговијата со електрична енергија потребно е добро познавање на „електрични правци“, тргување со прекугранични капацитети за пренос на електрична енергија и информации од каде и по која цена, како и во кој период да се купи и достави оваа вредна стока на македонскиот пазар.

Таа трговија има уште еден поважен сегмент – транзитите на струја, во кои најдобро се снаоѓаат планерите, добрите познавачи на состојбите, а целта им се големите потрошувачи на струја, како што е јужниот сосед на Грција, особено во летниот период, пишува српскиот портал.

Во текстот понатаму стои дека минатата година беше единствена за кризата на пазарите на електрична енергија, предизвикана од зелените рестрикции на ЕУ, кои сега изгледаат како увертира за руско-украинската војна, која започна со руската агресија на крајот на февруари оваа година и се уште трае, а цените на електричната енергија во меѓувреме се зголемија енормно.

Разликите во цените за набавка на струја се исклучително големи. Тоа може да го илустрираат цените на струјата по мегават час, кои на референтната берза ХУПЕКС во Унгарија често надминуваат 400 евра, велат од „Енергија Балкана“.

Врз основа на билатерални договори, на македонскиот пазар во 2021 година се истргувани вкупно 4,34 милиони мегават-часови електрична енергија и според податоците на РКЕ, тоа е повеќе од 50 отсто од вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјава, пишува во текстот.

Македонската филијала на словенечкиот гигант „GEN-I Energy“ останува убедливо најголемата трговска компанија на македонскиот пазар. Таа компанија на тој пазар работи десет години и е пионер во регионалната трговија со електрична енергија.

Интересно е што се работи за холдинг чие портфолио опфаќа и производство на електрична енергија, а потекнува од првата југословенска трговска компанија специјализирана за електрична енергија – „Истра бенз“.

Интересно е што актуелниот словенечки премиер Роберт Голоб неколку години беше извршен директор на компанијата ГЕН-И Словенија, која меѓу другото беше специјализирана за енергетски фјучерси берзи во САД, пишува порталот „Energija Balkana“.

Слични содржини