ЕП: Лукашенко е соучесник во руската агресија и воените злосторства во Украина

од Vladimir Zorba

Белорускиот претседател Александар Лукашенко е прогласен за соучесник во руската воена агресија и воените злосторства во Украина, се наведува во извештајот усвоен вчера од Европскиот парламент, пишува The Moscow Times.

Резолуцијата го осудува учеството на Минск во руската „неоправдана, незаконска и непредизвикана војна против Украина“.

Ова вклучува, како што се наведува, стационирање и обука на руски војници во Белорусија, кои Москва ги користи како лансирна рампа за својата целосна инвазија во февруари 2022 година.

„Со овозможување на руската неоправдана агресивна војна против Украина, режимот на Лукашенко стана соучесник во злосторствата извршени од Русија, што повлекува одговорност за уништувањето и штетите предизвикани на Украина“, се наведува во резолуцијата.

Лукашенко е обвинет и за соучесништво во нелегално префрлање на повеќе од 2.000 украински деца, вклучително и сираци, од Украина во таканаречените рекреативни кампови во Белорусија.

Во март, Меѓународниот кривичен суд (МКС) издаде налог за апсење на рускиот претседател Владимир Путин и неговата комесарка за правата на децата Марија Лвова-Белова за нелегална депортација на украински деца.

Според резолуцијата на Европскиот парламент, децата се предмет на „русификација и индоктринација“, што го прави белорускиот лидер одговорен за потенцијални „злосторства против човештвото“, заедно со Путин и Лвова-Белов.

Европскиот парламент „го поканува МКС да размисли за издавање слична меѓународна потерница за апсење на Лукашенко“, се наведува во резолуцијата, а во исто време инсистира ЕУ да ги примени истите санкции против Белорусија како што во моментов ги има против Русија.

Лукашенко треба да се сретне со Путин утре, кога лидерите ќе разговараат за регионалните прашања и економската соработка.

Слични содржини