ЕП со критика за видеото на Џамбаски: Борисов да се оддалечи од оваа реторика

од Nikola Popovski
372 прегледи

Канцеларијата на делегацијата на Европскиот Парламент во Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија – ЕУ го осудуваат предизборниот спот на Џамбаски во кој се вели дека Македонија е бугарска.

Во соопштението, што е испратено од страна на претседавачот на Комитетот, Андреас Шидер и замениците-претседавачи Ирена Јовева и Марион Валсман тие се против основачките принципи на ЕУ и Договорот за добрососедство меѓу двете земји.

„Длабоко жалиме што видеото отворено не ги почитува напредокот и напорите направени од Северна Македонија на патот кон ЕУ, нешто што е признаено од Европскиот парламент, институциите на ЕУ и од земјите членки. Ја повикуваме бугарската влада, вклучувајќи го и премиерот, да го осудат ова видео објавено од неговиот коалиционен партнер и да се оддалечат себеси најјасно што може од ваквата реторика“, се вели во соопштението.

Во него понатаму се додава дека „Европската унија има за цел да ги промовира мирот, нејзините демократски вредности и благосостојбата на граѓаните, да ги надмине историските разлики и да работи заедно за заедничка иднина. Ние инсистираме дека Бугарија и Северна Македонија треба да ги продолжат своите напори за добрососедски односи и сите активности што го нарушуваат овој дух треба да се избегнуваат и да се сметаат за неприфатливи“.

Европскиот парламент повикува и итно прифаќање на преговарачката рамка за Северна Македонија и одржување на првата Меѓувладина конференција без одложување со цел да почнат пристапните преговори за време на португалското претседателство.

Заменик-претседателот на бугарската ВМРО-БНД, Џамбаски во објава и видео-спот на Фејсбук со кадри од Скопје, Охрид  и други локации од државава наведе дека „Македонија е бугарска, а Бугарија е над сѐ“.

Слични содржини