Во синоќешната дебата во Стразбур, Европскиот парламент на пленарната сесија силно ја критикуваше одлуката на турскиот парламент за укинување на имунитетот од судско гонење на 138 од неговите членови.
Во дебата со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан оваа одлука беше опишана како обид од страна на претседателот Турција Реџеп Таип Ердоган да се замолчи опозицијата и да се стекне со поголеми овластувања. Оваа одлука, според европратениците, го поткопува владеењето на правото и слободата на изразување и може да им наштети на односите меѓу ЕУ и Турција, пишува Телма.
Комесарот Хан истакна дека ЕУ покажала подготвеност повторно да го активира својот ангажман со Турција и да и пружи на оваа земја политичка и финансиска поддршка. – Но, ова не е еднонасочна улица и постојат сериозни пречки кои влијаат на владеењето на правото и слободата на изразување во Турција, додаде тој.
Пратеници од сите политички групи ја критикуваа одлуката на турскиот парламент да им го одземе на 138 од своите членови, повеќето од прокурдската партија на опозицијата, имунитетот од судско гонење. Тие ја повикаа Турција да го почитува владеењето на правото и слободата на изразување и заштита на правата на малцинствата.
Некои од европратениците ја опишаа одлуката на турскиот парламент како обид на претседателот Ердоган да се замолчи опозицијата, промена на уставот и да се зголемат претседателските овластувања, што велат тие, е во спротивност со одговорноста за пристапување на Турција во ЕУ./Телма.мк.