Авион „ер трактор“ на Дирекцијата за заштита и спасување е вклучен во гаснењето на пожарот на дивата депонија кај Визбегово. Покрај поддршка од воздух, во гаснењето интервенираат пожарникари од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје и возила од „Комунална хигиена“.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека пожарот претставува ризик за проширување кон околните површини, а во близина се наоѓаат и станбени куќи.
– Укажано му е на градоначалникот на Шуто Оризари доколку се процени дека има потреба да пристапи кон евакуација на населението кое се наоѓа во тој реон, велат од ЦУК.
Пожарот избувна утрово. Според командатот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Звонко Томески, се интервенира со четири возила.
Густиот чад од пожарот се гледа од неколку страни на градот, а граѓаните споделуваат слики и видео на социјалните мрежи. На депонијата најверојатно горат гуми.