Говорот на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, одржан пред градоначалниците од земјата во средата, ја отвора дилемата дали тоа претсавува реторика за внатрешна употеба или нова стратегија за ревизија на границите, оценува грчкиот весник „Прото тема”.

Според весникот, Ердоган се ставил во улога на „експанзионистички брокер на недвижности” и наместо 780-те илјади квадратни километри на денешна Турција „мечтае за 2,5-те милиони квадратни километри“, кои некогаш и припаѓале на Отоманската Империја.
Се издвојуваат четири моменти од она што Ердоган го кажал. Прво, тој ги повика младите во земјата да го разгледаат Лозанскиот договор – „макар и некои да се вознемират”, наведува весникот.
– Во право ли бил оној кој го потпиша Лозанскиот договор? Направил ли нешто паметно? Јас сакам младите да бидат како пчели, а не като стршени, рече Ердоган.
Второ, тој истакна дека „кога сме седнале на масата (за преговори во 1923) Турција загубила. Од 1914, кога имала 2,5 милиони квадратни километри, за девет години оттогаш до Лозана, се намалила на 780.000 квадратни километри“.
Трето, турскиот претседател покажа дека има претензии кон Европа и Азија, пишува понатаму „Прото тема”.
– Влегувајќи во војната за независност, ние требаше да ги заштитиме границите дефинирани со Националниот договор (1920). Но за жал, ниту на запад, ниту на исток не успеавме да ги заштитиме тие граници, продолжи Ердоган.
И Четврто, турскиот лидер многу отворено ја искажа своја желба за ревизија на тие спогодби.
– Не можеме во 2016 година да се раководиме според логиката од 1923. Тоа е неправедно, не можеме да го прифатиме. Кога се во светот се менува, не можеме да го имаме истиот став што сме го имале тогаш, ја пренесува „Прото тема“ изјавата на Ердоган на собирот со претставниците на локалните власти./MИА