Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска го обвини израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за „некои од најлошите злосторства“ на векот и рече дека ќе остане запишан во историјата како „касапот на Газа“.
Ердоган, кој силно ги критикува воените операции на Израел во Газа, исто така најави дека турската влада ќе се погрижи Израел да одговара за своите постапки пред меѓународните судови.
Во говорот пред членовите на владејачката партија, Ердоган рече дека акциите на Израел го поттикнуваат антисемитизмот, а западните лидери ја поттикнуваат омразата кон исламот.
„Со убиствата кои ги изврши во Газа, Нетанјаху го подгрева антисемитизмот и го загрозува народот на Израел и целиот еврејски народ“, рече Ердоган, додавајќи дека имигрантите кои живеат во западните земји ја плаќаат цената за неодговорната реторика на западните лидери која „ги демонизира Палестинците“.