Ќе го научиме Западот дека навредувањето на светите места на муслиманите не е слобода на мислење, изјави денеска турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, коментирајќи го вчерашното палење на копија од Куранот во Шведска.
Ердоган присуствуваше на прославата на Рамазан Бајрам со членовите на Партијата на правдата и развојот во Истанбул и зборуваше за актуелните настани. Меѓу другото, тој го коментираше вчерашниот инцидент со палење копија од Куранот во Стокхолм, главниот град на Шведска.
„Оние кои го прават ова злосторство, кои го дозволуваат под превезот на слободата на мислата, кои замижуваат пред оваа подлост, нема да ги постигнат своите цели. Ќе реагираме најжестоко додека не дојде до одлучна борба против терористичките организации и непријателите на исламот“, рече Ердоган.
Тој подвлече дека е неопходно да се знае дека Турција никогаш нема да попушти пред политиката на провокација или политиката на закани.
„На крајот ќе ги научиме западните споменици на ароганција дека навредувањето на светите места на муслиманите не е слобода на мислење“, заклучи Ердоган.
Во средата, лице идентификувано како Салван Момика, по потекло од Ирак, запали копија од Куранот под полициска заштита пред џамија во Стокхолм.
На 12 јуни, шведскиот апелационен суд ја потврди одлуката на понискиот суд за поништување на забраната за палење на Куранот.