Ердоган ќе се сретне со Путин

од Vladimir Zorba
80 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган денеска ќе престојува во еднодневна посета на Москва за време на која ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин, јави ТАСС.

images

Според турски претставници, двајцата претседатели ќе разговараат за гасоводот „Турски поток“, сириската криза, нападите на терористичката групација Исламска држава и ситуацијата во Украина.

Главното внимание во разговорите се очекува да се насочи кон проблемите околу проектот за гасоводот „Турски поток„, кој Путин и го предложи на Турција наместо спорниот „Јужен поток“.

Планирано беше „Турски поток“ да биде отворен кон крајот на 2016 година. Неодамна Турција сепак објави дека ќе го замрзне проектот, обвинувајќи ја затоа руската страна.

Москва, пак, објави дека очекува проблемот да биде решен со новата турска влада, која ќе биде избрана по предвремените избори на 1 ноември.

Ердоган во Москва ќе присустува на церемонијата на отварање на реконструираната Соборна џамија во Москва, во пресрет на празникот Курбан бајрам./МИА