На Турција повеќе не и треба влез во Европската унија, но нема еднострано да отстапиме од пристапните преговори, рече денеска турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, во обраќањето пред парламентот.

„Нема да бидеме страната која се откажува. Да ви кажам искрено, повеќе не ни е потребно членство во ЕУ“, нагласи Ердоган.
Неговата Влада наведува дека членките на ЕУ не сфаќаат со какви сериозни закани се соочила Турција и одбиваат да ги испорачаат осомничените за воен удар.
„ЕУ не изневери во борбата против тероризмот“, вели Ердоган, и смета дека Турција му е потребна на европскиот блок.
Турција пред 12 години покрена пристапни преговори со ЕУ кои сега се во застој и Брисел ја критикуваше пресметката на Анкара со дисидентите по неуспешниот воен удар минатата година.
Уапсени се повеќе десетици илјади, меѓу кои и просветни и медицински работници.
Германската канцеларка Ангела Меркел во текот на предизборната дискусија минатиот месец истакна јасно дека Турција не треба да влезе во ЕУ и дека треба да се прекинат преговорите.