Ердоган: Подготвени сме за состанок БиХ-Хрватска-Србија

од desk4
101 прегледи

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган за време на состанокот со членовите на Претседателството на БиХ изрази подготвеност за заживување на тројниот механизам, односно да се одржи состанок БиХ-Хрватска-Србија, соопшти Претседателството на БиХ.

Како што се наведува во соопштението, во текот на состанокот меѓу Ердоган, претседавачот со Претседателството на БиХ Милорад Додик и членовите на Претседателството, Жељко Комшиќ и Шефик Џаферовиќ, најмногу внимание е посветено на автопатот Белград-Сараево, како и значењето кое ќе го има неговата изградба за БиХ и сите земји во регионот, вклучувајќи ја и Турција.

Разговарано е и за унапредување на соработката меѓу БиХ и Турција, особено во областа на економијата, земјоделството, транспортот и инфраструктурата, како и за увозот на месо.

Ердоган истакнал дека Турција го поддржува евроатланскиот пат на БиХ, оценувајќи дека интегрирањето на БиХ во ЕУ и НАТО ќе биде гарант за стабилност и мир.

Членовите на Претседателството на БиХ оцениле дека посетата на турскиот претседател е важна за двете земји кога станува збор за напредокот на соработката на сите полиња и јакнење на билатералните односи.