Турскиот претседател Реџеп Ердоган е во официјална посета на белоруската престолнина Минск, каде заедно со колегата Александар Лукашенко отвори нова џамија за 2 500 лица. На аеродромот тој и неговата сопруга беа пречекани со леб и сол, а пред девојките во национални носии гостинот ја изрази радоста од посетата.

Следеше официјална церемонија со учество на премиерот Андреј Кобјаков и турскиот амбасадор во Минск Кезбан Нилвана Дарама. Во делегацијата се и вицепремиерот Нума Куртулмуш, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу, министрите за економија Нихат Зејбекчи, на трговијата и царината Булент Тјуфекчи и на шумите и водите Вејсел Ероглу, како и шефот на Дианетот ( Директоратот за вери).
Ова е прва посета на ниво претседател од Турција во Белорусија, прецизира агенцијата Анадолија. Вечерва ќе се одржи бизнис форум со учество на претставници на 200 турски фирми и 300 локални. На свеченото отворање на исламскиот храм Ердоган изјави дека оваа изградба за него е историски настан и изрази жалење што слична убава глетка е невозможна во многу земји.

Соживот на различните религии, култури и вери под еден покрив не е закана, тоа е визијата на Белорусија за идниот раст во услови на мир и безбедност и земјата заслужува да го заземе своето место на меѓународната сцена, додаде тој. Тој ги подложи на критики европските држави поради демонстрациите на нетолерантност спрема бегалците и верските разлики, кои, според него, се шират како чума. Џамијата во Минск, датирана од XV век, била уништена во 1962 година поради проектот за изградба на хотел, а новата нејзина изградба започна во 2014 година како подарок од турскиот Дијанет за локалните муслимани, стана јасно за време на церемонијата. По распадот на СССР Белорусија ја доби својата независност во 1991 година и 3 година подоцна е формирана Муслиманска лига. Во земјата живеат вкупно 100 000 муслимани, меѓу кои 15 000 локални Татари. Уништената џамија била целосно од дрво во класичен отомански стил, а проектот за новиот храм е во согласност со оригиналната архитектура и е додаден уште еден кат. Изградена е врз 2 800 квадратни метри, капацитетот и е 2 500 лица, а подарокот од Дианетот чини околу 7 милиони долари.