Ердоган за судирите на Блискиот Исток: Ова не е војна туку масакр

од Nikola Popovski
201 прегледи

Турскиот претседател Таип Ердоган изјавил денеска дека израелската блокада и бомбардирањето на Газа како одмазда за нападот на палестинската милитантна група Хамас е непропорционален одговор кој претставува „масакр“, пренесува Ројтерс.

Додека Анкара се понуди да посредува, Ердоган и неговиот министер за надворешни работи разговараа со регионалните сили, САД и други. Сепак, претставникот на Израел во Анкара рече дека е премногу рано да се зборува за посредување.

Обраќајќи се во парламентот на неговата владејачка АК Партија, Ердоган рече дека дури и војната има „морални принципи“, но дека ескалацијата од викендот „многу сериозно“ го нарушува тоа.

„Спречувањето на луѓето да ги задоволат своите најосновни потреби и бомбардирањето на цивилните живеалишта – накратко, водење конфликт користејќи секакви срамни методи – не е војна туку масакр“, рече тој, коментирајќи ја одлуката на Израел да ја исклучи струјата и водата во Газа и уништување на инфраструктурата.

Како што наведува Ројтерс, Турција, која ги поддржуваше Палестинците во минатото и беше домаќин на членовите на Хамас, работи на подобрување на односите со Израел по долгогодишно непријателство. За разлика од Европската унија и САД, Анкара не го смета Хамас за терористичка организација.

Иако отворено не го обвинува Израел, Турција тврди дека борбите се предизвикани од повеќегодишната неправда против Палестинците и дека единствениот начин за мир е формирање на суверена палестинска држава преку решение со „две држави“.

Ердоган ги критикуваше „несразмерните“ напади на Израел врз Газа, наведувајќи дека за нив „нема етичка основа“ и го повика светот да не зазема една страна на следпо. Тој предупреди дека немањето решение за основното прашање ќе доведе до нови, пожестоки конфликти.

Го повика Западот „да заземе став меѓу страните кој е фер, праведен и заснован на хуманитарен баланс“.

„Секој треба да се воздржи од дела кои целосно ќе го казнат палестинскиот народ, како што е блокирањето на хуманитарната помош“, рече Ердоган.

Слични содржини