Поранешниот шпански репрезентативец, Андер Ерера повторно ќе игра за Атлетик Билбао. 33-годишниот фудбалер се врати на „Сент Мамес“ како позајмен од Пари Сен Жермен. Договорот предвидува Ерера по завршувањето на сезоната да стане сопственост на Баскијците.
Ерера е роден во Билбао и е младински играч на „Лавовите“. Сепак, тој го имаше своето деби во Ла Лига со Сарагоса во 2008 година. Во 2011 година, играчот од средниот ред се пресели во Атлетик и забележа вкупно 128 настапи и 11 гола пред да потпише за Манчестер Јунајтед. Со „црвените ѓаволи“ Ерера ги освои ФА Купот, Лига Купот и Лига Европа, а во 2019 година се пресели во ПСЖ каде освои вкупно 7 трофеи.
Шпанецот во трите сезони во Франција одигра 95 натпревари и постигна 6 гола, но по доаѓањето на новиот тренер Кристоф Галтие стана јасно дека нема да се потпира на него и искусниот играч за врска одлучи да се врати во Атлетик.