Данскиот фудбалер Кристијан Ериксен се наоѓа на раскрница пред понатамошниот тек од својот живот.
Откако доживеа срцев удар на мечот меѓу Данска и Финска и дури беше клинички мртов во еден момент, на почетокот на Европското првенство, продолжението на неговата кариера е доведено во прашање.
На Ериксен му била извршена операција и инсталиран му е дефибрилатор за контрола на отчукувањата на срцето. Можно е лекарите да му дозволат на 29-годишниот фудбалер повторно да истрча на теренот, но тоа сигурно нема да го има во Италија.
Здравството што се занимава со спорт не дозволува професионален спорт со дефибрилатор.
– Кристијан Ериксен нема да може повторно да добие зелено светло да заигра во Италија ако не му се отстрани дефибрилаторот – изјави еден од докторите на Фудбалскиот сојуз на Италија, Франческо Браконаро, за локалното радио „Кис Кис“.
Италијанците станаа многу ригорозни кога е во прашање здравјето на фудбалерите, откако 25-годишниот играч за врска на Ливорно, Пјермарио Моросини почина за време на натпреварот во 2012 година, а во 2018 година, 31-годишниот капитен на Фиорентина Давиде Астори почина во сон пред мечот со Удинезе.