Есен со Ковид 19: СЗО предупредува на тешки октомври и ноември

од Stefanija Kuzmanovska
266 прегледи

Светската здравствена организација (СЗО) очекува зголемување на бројот на смртни случаи од Ковид-19 во Европа во текот на октомври и ноември кои, според нејзините предвидувања, ќе бидат „потешки“ што се однесува до епидемијата, изјави денеска за „Франс Прес“ директорот на европскиот огранок на организацијата.

„Работите ќе станат потешки. Ќе видиме повисока стапка на смртност во октомври и ноември“, изјави Ханс Клуге за „Франс прес“, зборувајќи во време кога скокнува бројот на регистрирани случаи на инфекција во Европа, иако дневниот број на смртни случаи засега е претежно стабилен.

Се очекува зголемување на бројот на смртни случаи на дневна основа поради зголемувањето на бројот на случаи на инфекција со повторното ширење на епидемијата во Европа, наведе СЗО.

„Сега сме во време кога земјите не сакаат да слушнат ваква лоша вест, го разбирам тоа“, рече шефот на европскиот огранок на СЗО, кој укажа дека сака да испрати „позитивна порака“ дека пандемијата „ќе престане во одреден момент“.

Денес и утре, европскиот огранок на СЗО одржува состанок со околу 50 земји-членки за размена на мислења за одговорот на пандемијата и за договарање на петгодишна стратегија.

Висок службеник на организацијата, чие седиште е во Копенхаген, ги предупреди оние кои сметаат дека крајот на епидемијата ќе се совпадне со изработката на вакцината, која сè уште се развива.

„Постојано слушам дека вакцината ќе означи крај на епидемијата. Секако дека нема“, рече Клуге.

„Не знаеме ниту дали вакцината ќе биде ефикасна кај сите делови од популацијата. Некои од знаците кои ги добиваме се дека ќе биде ефикасна за некои, но не и за други. И ако треба да порачаме различни вакцини одеднаш, каков логистички кошмар“, предупреди Клуге.

Тој рече дека крајот на пандемијата ќе биде во моментот кога, како заедница, ќе научиме да живееме со таа пандемија.

„И тоа зависи од нас. Тоа е многу позитивна порака“, рече тој.

Бројот на случаи на инфекција во Европа значително се зголемува во последните неколку недели, особено во Шпанија и Франција. Во петокот, за само еден ден се регистрирани повеќе од 51.000 нови случаи во 55 земји опфатени со европскиот огранок на СЗО, што е повеќе од врвот забележан во април, според податоците на таа организација.

Во исто време, бројот на смртни случаи на ден во моментов е на ниво од почетокот на јуни, околу 400 до 500 смртни случаи поврзани со Ковид-19.

Слични содржини