Според постојната изборна регулатива можни се три датуми за одржување на локалните избори во октомври, 17., 24. и 31. Ако изборното соочување се одржи на 31. октомври тогаш, последниот рок во кој спикерот Талат Џафери треба да ги распише изборите е 21 август. Ако се одржат на 17 октомври тогаш, треба да ги распише најдоцна до 7 или 8 август. Ова се опците предвидени во Изборниот законик. Парламентот работи уште две недели, потоа народните избраници и собраниските служби заминуваат на колективен одмор. Од работната собраниска група за измени во Изборниот закони, за Локално велат, дека усогласувањето на Изборниот законик со препораките на ОБСЕ/ОДИХР е при крај. Неофицијално за Локално потврдуваат дека во наредните две недели се очекува на пленарна седница пратениците да ги изгласаат измените.
Со постоечките изборни регулативи, Изборен законик и Законот за локалните избори има системска неуслогасеност со Законот за локална самоуправa. Теоретски велат, извори во Државната изборна комисија, на кој и да било датум од посочените, изборите се одржат, ќе има извесно несовпаѓање од неколку денови или, пак, неколку недели, со што по автоматизам локалните избори ќе се одржат во време кога на градоначалниците мандатот ќе им биде истечен. Во минатото, велат нашите извори во ДИК, ваквото системско несовпаѓање на законите се решаваше со измени во Изборниот законик и Законот за локална самоуправа.
Во 2004 година поради референдумот за територијална поделба, локаните избори беа одложени за една година. Општините беа раководени од градоначаници и совети со истечен мандат.
Инаку согласно постојниот Изборен законик, за да се распишат локални избори, потребно е да се донесе Акт за распишување на избори кој го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.
Откако Актот за распишување на изборите ќе се донесе во Собранието истиот се доставува до Државната изборна комисија, Министерството за надворешни работи и Министерството за правда и се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
Во Избониот законик, во делот за распишување на изборите пишува:
Член 12
(1) Актот за распишување на изборите го донесува претседателот на Собранието и со него се определува денот од кога почнуваат да течат роковите за извршување на изборните дејствија и денот на одржувањето на изборите.
(2) Актот за распишување на изборите се доставува до Државната изборна комисија, Министерството
за надворешни работи и Министерството за правда.
(3) Актот за распишување на изборите се објавува во “Службен весник на Република Македонија”.
(4) Од денот на распишувањето на изборите до денот на одржувањето на изборите не може да
помине повеќе од 90 дена, ниту помалку од 70 дена.
И.Т.