Ескобар: Бугарија уверува дека нема да додаде нови услови за интеграција на С. Македонија во ЕУ

од Stefanija Kuzmanovska

Бугарија нема да даде нови услови за целосна интеграција на Северна Македонија во Европската унија, уверува заменик-помошникот државен секретар на САД задолжен за Западен Балкан, Габриел Ескобар.

Тој во телефонско интервју за „Гласот на Америка“ на македонски, рече дека бугарските колеги го увериле оти немаат намера да додадат повеќе услови за Северна Македонија на патот кон ЕУ и нагласи дека не се работи за гаранции, туку само за уверување од Бугарија оти сакала да го види регионот да се движи напред на европскиот пат.

„Имав разговори со моите бугарски колеги и тие ме уверија дека немаат намера да додадат повеќе услови. Тие би сакале да видат напредок на патоказот што веќе е таму. И сакаме да бидеме сигурни дека можеме да работиме со сите страни за да осигураме дека тие услови се исполнети. Но, тоа треба да биде, да остане засновано на факти и вкоренето во постоечките обврски, за да осигураме дека Северна Македонија ќе може да се движи напред во пристапниот процес“, вели Ескобар во интервјуто.

На прашањето на „Гласот на Америка“ – Значи нема да има ново вето ако другите услови се исполнат? Ескобар рече „Јас тоа така го протолкував“.

На прашањето дали САД се загрижени ако уставните измени бидат изгласани на сметка на поткопување на владеење на правото и правдата, со оглед на тоа што некои медиумски извештаи сугерираа оти намалувањето на затворските казни за функционерите било направено со цел да се обезбедат гласови за уставните измени, Ескобар рече дека нема да шпекулира за тоа што се случува на внатрешен план.

Тој, исто така, рече дека нема информации за можни преговори и пазарење за уставните измени меѓу владата и избеганиот поранешен премиер Никола Груевски, како што изјави лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски за германскиот весник ФАЦ.

„Немам никакви информации за тоа. Ќе кажам дека е важно за Северна Македонија како што оди напред да не прави компромиси за нејзините идеали, да не прави компромиси за напредокот што го направи со владеење на правото, но, за конкретни случаи немам никакви информации. Само ќе кажам уште еднаш, дека владеењето на правото и напредокот што го направи Северна Македонија се навистина важни да се одржат додека се движи напред во Европа, затоа што членството во Европската Унија навистина е за стандарди и вредности и посветеност на владеењето на правото“, потенцира Ескобар.

Според него, предизвиците со владеење на правото и корупцијата се веројатно најголемиот проблем на Западен Балкан.

„Затоа, ние постојано ги охрабруваме владите да направат повеќе за да поттикнат исполнување на реформите и ги охрабруваме лидерите и во парламентите, и во владите, да покажат конкретни резултати во борбата против корупцијата и зајакнување на институциите, кои се основата на владеење на правото“, рече Ескобар.

Истакна дека санкциите на САД против корумпираните актери се многу ефективни и може да се очекуваат повеќе.

Слични содржини