Ескобар: Иако не е потпишан, договорот во Охрид е правно обврзувачки

од Stefanija Kuzmanovska
125 прегледи

Специјалниот пратеник на Стејт департментот за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека договорот постигнат во Охрид пред два дена е чекор кон нормализација на односите меѓу Србија и Косово и дека е правно обврзувачки, иако не е потпишан.

На он-лајн прес-конференција тој истакна дека за да се стигне до таму е потребна голема храброст и визија од српскиот претседател Александар Вучиќ и од косовскиот премиер Албин Курти.

„Овој договор е правно обврзувачки за двете страни. Иако не е потпишан, тоа е договор во секоја смисла“, рече тој и прецизираше дека тоа значи во секоја смисла.

Според него, високиот претставник на ЕУ, Жозеп Борел, јасно ставил до знаење дека страните се обврзале и дека спроведувањето на договорот ќе влијае на европскиот пат на двете страни.

Клучни елементи на анексот

„Договорот е пат кон помирување на Србија и Косово. Важно е да се разјасни како ќе постапат двете страни. Имплементацијата мора да започне веднаш и двете страни ќе имаат корист од тоа. Сметам дека најважни се евроатлантските интеграции. Ќе напредуваме само доколку договорот почне да се применува што е можно поскоро“, рече тој.

Како што посочи, Србија мора да работи на клучните елементи на анексот.

„За двете страни е важно да се спроведе се што остана од Бриселскиот договор. Ова се очекува од двете страни. Ќе продолжиме да работиме со двете страни и со нашите партнери“, рече Ескобар.

На прашањето дали на средбата во Охрид се разговарало за членството на Косово во меѓународните организации, тој рече дека не може да го каже тоа, но се разговарало за се што стои во европскиот предлог.

Слични содржини