Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, изјави дека имал многу конструктивни разговори со српскиот претседател Александар Вучиќ во Белград за француско-германскиот предлог за решавање на косовското прашање и дека следната средба на преговарачите во Брисел може да се случи наскоро.
Ескобар, исто така, за Гласот на Америка изјави дека косовскиот премиер Албин Курти „не мора да се согласи“ со формирањето на Заедницата на српските општини бидејќи „Косово веќе се согласи“.
На прашањето дали дијалогот меѓу Белград и Приштина наскоро ќе биде обновен, Ескобар одговори дека „на прво место дијалогот не ни запре“, туку дека „предизвикот беше што тој стана инструмент за решавање на кризите“.
„Сакаме повторно да го вратиме на стратешко ниво врз основа на француско-германскиот предлог. Мислиме дека тој предлог е добар. САД целосно го поддржуваат тој предлог и сакаме тоа да биде добро решение за двете земји. Со други зборови, сакаме да отвори европска перспектива за двете земји, отвора можност за поголема соработка не само со Европа, туку и со регионот и со САД“, рече американскиот пратеник.
Ескобар рече дека меѓународната заедница бара од косовскиот премиер да формира Заедница на српски општини, нагласувајќи дека тој дел од договорот ќе се спроведе.
„Еден човек и една партија не можат да се откажат од спроведувањето на правно обврзувачките точки, тоа е факт. Ние ќе го направиме тоа, јас ќе го направам со наоѓање партнери, има многу луѓе кои би сакале да видат подобри односи меѓу Србите на северот и остатокот од земјата“, рече Ескобар.
Додаде и дека формирањето на ЗСО и преговорите за француско-германскиот предлог „не се целосно поврзани“.
„ЗСО е постоечка обврска и мора да се спроведе. Француско-германскиот предлог е многу добар предлог што им овозможува на двете земји да напредуваат кон одржлив мир. И ние ќе работиме на тоа истовремено и ни требаат двете работи“, рече Ексобар.