Ескобар: САД се ангажирани дека Бугарија нема да поставува нови барања за С. Македонија

од Nikola Popovski

Специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар синоќа го претстави извештајот „Стабилност и безбедност на Западен Балкан: Проценка на американската политика“ пред Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом во Вашингтон.

Посочил дека Северна Македонија и Албанија ги отвориле преговорите за пристапување во ЕУ и дека двете земји се цврсти партнери во промовирањето на нормализацијата меѓу Србија и Косово и цврстите сојузници на НАТО.

Есковар ги информирал членовите на Конгресот дека македонската Влада се обврза да ги унапреди своите аспирации кон ЕУ преку усвојување на уставните промени со кои ќе се признае бугарското малцинство во државата.

Задржувајќи се на македонско-бугарските односи, специјалниот пратеник порачал дека Вашингтон го поддржува процесот за уставни измени.

Исто така сме ангажирани со новата влада на Бугарија за да се осигураме дека нема да поставува нови барања откако Северна Македонија ќе ги исполни своите обврски од постоечките договори, рече Ескобар.

Рекол и дека политиката на САД на Западен Балкан се заснова на едноставен принцип, а тоа е продолжување на интеграцијата на регионот во евроатлантските структури.

Оваа интеграција ја зајакнува Европа како геостратешки партнер; го зајакнува демократското владеење и владеењето на правото; ги прави земјите од Западен Балкан побезбедни и попросперитетни , а со тоа и регионот како подобар безбедносен и трговски партнер за САД, кажал Ескобар.

Зборувајќи за регионот, тој истакнал дека корупцијата е проблем во целиот регион на Западен Балкан, но дека Црна Гора направила значајни чекори на овој план.

Слични содржини