Есмеров: Заклетвата на Гаши не е скандалозна бидејќи СДСМ го донесе Законот за двојазичност

од Nikola Popovski
1,6K прегледи

Не е воопшто скандалозно. Законот за двојазичност го донесе владата на СДСМ и тој закон е новата реалност. Не мислам дека коалицијата ВЛЕН сака да испрати некоја скриена порака, едноставно, законот им дава такво право и тука нема ништо спорно, вели во разговор за „Локално“, поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров за случувањата во Собранието при изборот на Африм Гаши за претседател на Парламентот и фактот што заклетвата прво ја положи на албански, па потоа на македонски јазик.

На првата конститутивна седница, можевме да видиме и критики од пратениците на Левица за изборот, но и молк од страна на претставниците на СДСМ. Според Есмеров, „нема што да кажат“.

-Со што би се пофалиле или би критикувале? За колапсот на здравствениот систем, за скандалот со Онкологија, за затворените хирушки сали, за колапсот на земјоделието, за 7 годишното отсуство на учебници, за стопирање на евроинтеграциите поради немање елементарна способност за преговорање, за зголемениот државен долг или можеби за скандалот со пасошите, за 1-то место во свет по смртност од Ковид-19, за запалената модуларна болница и Универзална сала… Они се најкорисни кога молчат и ништо не работат, бидејќи само така можат да дадат позитивен придонес за оваа држава, оценува поранешниот амбасадор.

Околу поврзувањето на наративот при изборот на собраниски спикер во 2017 година и настаните од „27 април“, со изборот пред два дена, Есмеров објаснува дека пред 7 години „народот спонтано се собра и дека ВМРО-ДПМНЕ не учествуваше во организацијата на тие безредија, а причината не беше тоа што претседателот на Собрание беше Албанец“.

-Причината беше тоа што не беше испочитувана волјата на мнозинството граѓани во македонскиот блок и беше прекршен еден џентаменски договор, односно Мајскиот договор. Ако се сеќавате, кога прв пат ДУИ стана дел од владата во 2008 година единствениот аргумент и на ДУИ и на меѓународната заедница беше дека треба да се испочитува волјата на мнозинството во етничка смисла. Ако тоа од тогаш па се до 2016 беше испочитувано од ВМРО, за кој гласаа големото мнозинство на македонски граѓани, дури и во периодот кога ВМРО имаше 62 пратеника, тогаш сосема е јасен и оправдан револтот кај македонските гласачи. На тој протест освен членови и симпатизери, учествуваа и многу неопределени граѓани, кои гледано од оваа временска перспектива имале апсолутно право за загриженост, бидејќи очигледно е економското назадување и целосната девастација на опшеството и неговите институции. Ако имате во предвид дека довербата во судство е 2-6%, се станува јасно, а тоа би значело дека практично не постои правен систем, објаснува Есмеров.

Според него, луѓето кои лежат во затвор поради тие протести се осудени во еден срамен политички прогон и тоа според европски критериуми и стандарди.

-Сетете се на одлуките на шведскиот и грчкиот суд. Тие луѓе мора да бидат ослободени од обвиненија и да им се плати голема отштета, порачува поранешниот функционер на ВМРО-ДПМНЕ.

Во меѓувреме, тече рокот од 10 дена за новиот собраниски спикер Африм Гаши да ја извести претседателката Гордана Сиљановска-Давкова за новото парламентарно мнозинство, по што таа треба да го додели мандатот на Христијан Мицкоски како мандатар да ја состави новата Влада. Управниот суд веќе постапи по тужбата од Европскиот фронт за изборни нерегуларности и ја одби како неоснована.

Ако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е сигурен за премиерската функција, а лидерот на Демократското движење, Изет Меџити покрај функцијата прв вицепремиер ќе биде министер за животна средина и просторно планирање, Арбен Таравари се споменува како сигурен за министерската фотелја во ресорот здравство. Од друга страна и во СДСМ молк. По поразот на изборите се подготвува Конгресот за избор на нов претседател и раководство.

Н.П.

Слични содржини