EЦДЦ: Нема итна потреба за трета доза од вакцината

од Nikola Popovski
355 прегледи

Во моментов нема „итна потреба“ за дополнителна доза вакцина против Ковид-19 кај општата популација, потврди во средата Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Во техничката белешка објавена во средата навечер, EЦДЦ препорачува дополнителни дози или „бустер“ за луѓе со ослабен имунолошки систем, во согласност со позицијата на СЗО.

„Според сегашните сознанија, нема итна потреба да се администрираат дополнителни дози за целосно вакцинирани лица“, се вели во соопштението на EЦДЦ, додавајќи дека „приоритет е да се вакцинираат оние кои не ја завршиле вакцинацијата“.

„Дополнителните дози за луѓе со сериозно ослабен имунолошки систем треба да се земат предвид како дел од нивната вакцинација доколку не постигнале доволно ниво на заштита“, додаде европската агенција со седиште во Стокхолм, во која членуваат околу 30 земји, вклучително и 27 членки на ЕУ.

На 18 август, Светската здравствена организација (СЗО) го критикуваше брзањето на богатите земји за третата доза на вакцината против ковид, нагласувајќи дека досегашните научни податоци не укажуваат на нејзината потреба.

Примената на третата доза сега би била да се додаде „спасувачка елек за луѓето што веќе ја имаат, додека другите ги оставаме да се удават и без најмалиот спасувачки елек“, рече директорот на СЗО за итни случаи, Мајк Рајан.

При ширењето на варијантата делта, неколку земји одлучија или размислуваат за дополнителни дози, најчесто за луѓе со хронични болести, но и за целата популација.

„Сите вакцини одобрени во ЕУ штитат од хоспитализација и тешки форми на Ковид-19, додека секое трето лице на возраст над 18 години се уште не е целосно вакцинирано“, нагласува ЕЦДЦ.

Слични содржини