ЕУ дава девет милиони евра на Армијата на С. Македонија

од Vladimir Zorba

Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел изјави дека Армијата на Северна Македонија ќе добие девет милиони евра од Унијата за модернизација.

„Со задоволство можам да објавам дека издвојуваме девет милиони евра од Европскиот фонд за мир за поддршка на Армијата на Северна Македонија за подобрување и надградба на опремата на нејзината Лесна пешадиска баталјонска група“, рече Борел.

Тој посочи дека ЕУ ја поддржува Северна Македонија во зголемувањето на отпорот на сајбер напади.

„Во рамките на пакетот од 4,9 милиони евра за регионот за итна поддршка за сајбер и информациска безбедност, ЕУ и помага на Северна Македонија да ја подобри својата способност да се бори против сајбер инцидентите и да го зајакне своето управување со сајбер безбедноста“, рече Борел.

Северна Македонија, додаде тој, ќе има корист и од регионалниот проект од пет милиони евра за градење капацитети за сајбер безбедност, кој ќе почне да се испорачува оваа година.

„ЕУ е посветена да работи со партнерите од Западен Балкан во борбата против хибридните закани кои продолжуваат да ја поткопуваат европската колективна безбедност и демократските процеси и ја поддржува нивната безбедност и нивната одбрана“, рече шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, за МИА.

Слични содржини