ЕУ формира Центар за критични минерали – Европа тргнува во битка за стратешка независност од Кина

Еврокомесарот за индустрија Стефан Сежурне ја повика Унијата да ги удвои своите напори во целта за намалување на стратешката зависност од Кина, презентирајќи низа мерки за прекин на контролата на Пекинг врз снабдувањето со критичните минерали, како што се ретки земни елементи, кобалт, бакар, никел и други.

од Vladimir Zorba
8 прегледи Фото: Google Maps

Еврокомесарот за индустрија Стефан Сежурне ја повика Унијата да ги удвои своите напори во целта за намалување на стратешката зависност од Кина, презентирајќи низа мерки за прекин на контролата на Пекинг врз снабдувањето со критичните минерали, како што се ретки земни елементи, кобалт, бакар, никел и други.

Во обраќањето пред Европскиот Парламент, францускиот комесар рече дека контролата на извозот на ретки метали од страна на Кина „директно ја таргетирала“ Европа. Тој предупреди дека немањето пристап до овие ресурси станува „алармантно“. Пекинг доминира на глобалниот пазар на ретки метали што се користат во цивилните и воените технологии — од електрични возила и компјутери до борбени авиони.

„Време е Европа да ја засили својата игра. Брисел мора да ги удвои напорите за да ја прекине зависноста од Пекинг за ретки земни минерали и други критични минерали“, вели еврокомесарот за индустрија.

Според Сежурне, цената на независноста е висока, но е помала од онаа на зависноста. Тој воедно најави дека наскоро Комисијата ќе презентира иницијатива за економска сигурност наречена „RESourceEU”, во чиј фокус ќе биде обезбедувањето на пристап до критичните минерали. Со неа се предвидува ЕУ да основа свој единствен „Европски центар за критични минерали“.

„Не е предоцна, но времето изминува. Центарот ќе функционира како „точка“ за снабдување на ЕУ со метали. Центарот ќе ни овозможи да ги процениме потребите, да купуваме заедно, да складираме критични минерали во Европа“, додаде еврокомесарот.

Во намерите на Унијата напомош пристигнува и специјализирано тело на Организацијата на Обединетите нации за Европа, односно УНЕЦЕ (Економска комисија за Европа на ОН). Оваа институција најави дека доследно ќе набљудува како земјите членки ќе ја имплементираат Директивата за критичните минерални суровини на Унијата, со која се предвидуваат забрзани процедури за дозволи за отворање на рудници и центри за преработка на руда.

„Европската Комисија избра 60 стратешки проекти за критичните минерални сувовини – 43 во рамки на Европската Унија и 17 надвор од неа, претежно во земји кои имаат потпишано договори за стратешко партнерство со ЕУ… Мониторингот е клучен за мерење на напредокот во привлекувањето нови инвестиции во секторите за рударство и преработка во ЕУ и пошироко, како и за градење доверба со локалните заедници и движење кон одржливо управување. Директивата за критични суровини не е фокусирана само на градење на домашното производство; таа има за цел да го поддржи и развојот на стратешки проекти во трети земји. Мониторингот е клучен за избраните проекти“, вели Дарио Лигути, директор на Одделот за одржлива енергија на UNECE.

Инаку, според најавите на еврокомесарот Сежурне, иницијативата на Унијата за економска сигурност и независно снабдување со критични минерали ќе биде презентирана на почетокот на декември. Од неа ќе биде познато и дали во планот за создавањето заеднички Европски центар за критични минерали ќе бидат вклучени или предвидени и земјите кандидатки за членство како што е Македонија. Претходно, високи европски претставници ги повикаа кандидатките да ја следат европската Директива за критични минерални суровини. Домашни експерти исто така укажаа македонското рударство да се раководи во согласност со целите на ЕУ од зелената агенда и дигиталната трансформација. Властите пак споделија нацрт текстови на закони за рударство и за геологија, со кои, како што образложија, ќе се изврши усогласување со европските политики.