ЕУ го усвои 12-тиот пакет санкции против Русија, ниту Швајцарија повеќе не е неутрална

од Stefanija Kuzmanovska

Европската унија на 18 декември го усвои 12-тиот пакет економски и индивидуални рестриктивни мерки против Русија поради војната во Украина, соопшти Советот на ЕУ. Како што се наведува во соопштението, овие мерки нанесуваат „дополнителен удар“ на способноста на рускиот претседател Владимир Путин да ја води војната во Украина, бидејќи тие се насочени кон високовредните сектори на руската економија и го отежнуваат заобиколувањето на санкциите на ЕУ.

Новиот пакет вклучува мерки за ограничување на увозот, купувањето или трансферот на руски дијаманти, нови ограничувања и контроли на увозот и извозот, а покрај економските санкции, Советот на ЕУ одлучи да стави „значителен број“ физички и правни лица на листата.

Со денешната одлука се додава и Швајцарија на листата на земји-партнери кои применуваат сет рестриктивни мерки за увоз на железо и челик од Русија, како и збир на мерки за контрола на увозот кои во суштина се еквивалентни на мерките на ЕУ.

„Со овој 12-ти пакет, предлагаме силен сет на нови списоци и економски мерки кои дополнително ќе ја ослабат руската воена машина“, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

Тој, исто така, рече дека пораката на ЕУ е јасна, а тоа е дека таа останува цврста во својата посветеност на Украина и ќе продолжи да ја поддржува нејзината борба за слобода и суверенитет.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, на социјалната мрежа X го поздрави „политичкиот договор за 12-тиот пакет санкции“ и порача дека ЕУ продолжува да стои покрај Украина.

Слични содржини