ЕУ и САД го „одмрзнаа“ трговскиот договор

Пратениците на Европски парламент денеска одлучија да продолжат со спроведувањето на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за воведување царини поврзани со прашањето за Гренланд.

од desk4
12 прегледи Фотографија: Стоп-кадар од видео на whitehouse.gov

Пратениците на Европски парламент денеска одлучија да продолжат со спроведувањето на трговскиот договор со Соединетите Американски Држави, две недели откако американскиот претседател Доналд Трамп се откажа од заканите за воведување царини поврзани со прашањето за Гренланд.

Со договорот, постигнат во јули 2024 година меѓу Трамп и претседателката на Европска комисија, Урсула фон дер Лајен, американските царини за извоз од Европската унија се утврдуваат на 15 отсто, додека Унијата се обврзува да ги намали своите царини за американска стока на нула.

Процесот на усвојување беше привремено стопиран откако Трамп се закани со царини кон неколку земји-членки на ЕУ доколку не ѝ дозволат на Америка преземање на дански територии, објави Euronews.

Продолжување под услови

„Членовите на Комитетот за трговија се посветени на брзо продолжување на работата на двата законодавни предлога, под услов САД да го почитуваат територијалниот интегритет и суверенитетот на Унијата и нејзините земји-членки и да се придржуваат до одредбите од Договорот од Тарнбери“, изјави германскиот европратеник Бернд Ланге, претседател на Комитетот за трговија. Тој најави дека гласањето во Комитетот би можело да се одржи на 24 февруари.

Според извори на Euronews, гласањето на пленарна седница на Европскиот парламент би можело да следи во март.

Остра дебата околу заштитните механизми

Пратениците од политичките групи задолжени за досието расправале зад затворени врати за следните чекори, при што мнозинството се изјаснило за „одмрзнување“ на договорот. Сепак, расправата за неговата содржина била остра.

Социјалистите и демократите, либералите од групата Renew Europe и Зелените се залагаат за вклучување клаузула што би овозможила суспензија на договорот во случај на нови закани по територијалниот суверенитет на арктичкиот остров Гренланд. Од друга страна, Европска народна партија (ЕПП) бара брзо продолжување на процесот со цел да се обезбеди сигурност за компаниите.

„Пратеничката група на ЕПП сака да врати импулс во трговските односи меѓу ЕУ и САД, обезбедувајќи сигурност за европските бизниси и зајакнувајќи го трансатлантското партнерство“, изјави хрватската европратеничка Жељана Зовко, преговарачка на оваа група.

Една од спорните точки е и т.н. „клаузула за истек“. Социјалистите и демократите предлагаат царинските олеснувања од страна на ЕУ да истечат по 18 месеци, освен ако експлицитно не се обноват, додека ЕПП се залага за рок од три години.

Критики од левицата и десницата

Од Зелените, европратеничката Ана Кавацини оцени дека голем број прашања остануваат нерешени. „ЕУ се соочува со повторени обиди за притисок од страна на САД, а земјите-членки замижуваат пред таа реалност. Европскиот парламент мора решително да одговори“, порача таа.

Во меѓувреме, крајно десната политичка група „Патриоти за Европа“ останува критична кон договорот, оценувајќи дека Европската комисија го испреговарала лошо.