ЕУ и Западен Балкан работат заедно во борбата против илегалната трговија со оружје

од Stefanija Kuzmanovska

Потпретседателот на Европската комисија, Жозеп Борел, денеска во Брисел на конференцијата ЕУ-Западен Балкан за контрола на огненото оружје изјави дека на Унијата ѝ е потребен мирен и стабилен регион за да ги доведе земјите кандидати до полноправно членство во ЕУ.

На средбата на високо ниво за Патоказот за Западен Балкан против илегалната трговија со оружје, Борел рече дека контролата на огненото оружје во регионот е исклучително важна бидејќи последиците, доколку нема контрола, се многу тешки, во што сите се уверија пред две недели (масакри во училиштата во Белград и околината на Младеновац).

Високиот претставник на ЕУ изрази длабоко сочувство до Србија за неодамнешните трагични настани.

Тој рече дека ваквите настани дополнително укажуваат на важноста на борбата против трговијата со малокалибарско оружје и трговците со оружје.

„Нашата работа ќе ја направи Европа побезбедна и тоа станува уште поважно во предизвикувачките времиња во кои живееме“, рече Борел на отворањето на министерската конференција за Регионалниот патоказ за сеопфатна контрола на малокалибарското и лесно вооружување (SALW) на Западен Балкан.

Борел, исто така, рече дека кампањата за собирање оружје што ја започна српската влада со поддршка на ЕУ ја покажа вредноста и важноста на соработката во областа на безбедноста.

Тој, исто така, рече дека должност на телата, институциите, членките на ЕУ, шведското претседателство, како и на целиот Западен Балкан е да се борат против насилството и трговците со оружје со цел да ги спречат „да го контаминираат целиот континент“.

Борел посочи дека заедничка цел е да се зголеми европската безбедност и да се заштитат граѓаните во членките и идните членки на ЕУ.

Наведе и дека во последните 20 години ЕУ инвестирала повеќе од 38 милиони евра во активности за контрола на оружјето во регионот.

„Забележано е и зајакнување на капацитетите за откривање и истражување на огнено оружје, што доведува до стандардизација во регионот и подобрување на оперативната соработка во Западен Балкан“, рече Борел.

Слични содржини