По најавата на косовскиот премиер, Албин Курти, вчера дека ќе ги укине царините врз увозот на производи од Србија и Босна и Херцеговина, Европската Унија ја поздрави одлуката и очекува повеќе детали. Зголемувањето за сто отсто на царините врз увозот на српски и босански производи кон крајот на 2018-та година доведе до влошување на односите помеѓу Косово и Србија и замрзнување на дијалогот за нормализација на односите.
Европската Унија смета дека укинувањето на овие царини може да има позитивен ефект врз регионалната трговија и да доведе до рестартирање на дијалогот Белград – Приштина.
-Премногу време се изгуби, довербата мора итно повторно да се воспостави, Србија и Косово треба да создадат атмосфера што ќе овозможи рестартирање на Дијалогот, реагираше кабинетот на шефот на европската дипломатија, Јосеп Борел. Во меѓувреме потврдено е дека Мирослав Лајчак ќе биде нов специјален претставник на ЕУ за регионот и за дијалогот Косово – Србија.