Европската унија внимателно ги следи сите поврзани случувања, вклучително и неодамнешните јавни размени на обвинувања меѓу Вилма Русковска, шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и Директорот на Финансиска полиција, Арафат Муареми, велат за „Локално“ од Делегацијата на ЕУ во Скопје.
„Примената на владеењето на правото е еден од највисоките приоритети за Европската Унија. Тоа е суштински дел од претстојниот преговарачки Кластер за Основите, кој прв ќе се отвори во пристапните преговори со ЕУ. Применливите закони ги пропишуваат соодветните надлежности на националните власти и начините на нивната меѓусебна соработка, кои треба да се почитуваат. Ова прашање треба да го решат надлежните органи“, се вели во краткиот одговор на Делегацијата на Унијата во земјава.
На „иста линија“ по ова прашање се и САД. Од американската амбасада во Скопје вчера изјавија дека САД се вложени во унапредување на владеењето на правото во Северна Македонија и ги поддржуваат напорите на властите и на правосудството за обезбедување транспарентност и отчетност кај институциите и внатре во нив.
„Се чини дека ова прашање е тековен процес и е прашање за надлежните органи да го решат“, соопшти Амбасадата на САД.
Русковска завчера ги повика институциите, но и странските амбасади, Делегацијата на Европската Унија, како и европската обвинителка Лаура Ковеси да реагираат по, како што вели, притисокот врз неа и обвинителството од директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми.
Ваквиот повик на Русковска дојде по брифингот со новинари што го одржа Муареми, а на кој најави дека ќе поднесе кривични пријави против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифовска, по претресот во просториите на Управата.
По ова, продолжија јавните прозивки и обвинувања меѓу Муареми и Русковска. Директорот на финансиската полиција ѝ одговори на обвинителката дека одговорност за нејзиното самоволие мора да има.
„Улогата на еден јавен обвинител најмалку од сè е да изјавува дека ќе сподели сознанија и информации со јавноста за таа да суди кој е криминалец. Обвинителката Русковска како намерно да заборава дека криминалот се докажува во рамки на институциите, а граѓаните се тие кои им укажуваат доверба врз основа на нивната работа. Обвинителке, ако се земат последните анкети предвид, довербата на јавноста и не ви е многу наклонета. Оттука, ја повикувам Вилма Рускоска, доколку располага со сознанија и информации за сторен криминал од моја страна – истите да ги докаже и на јавноста да ѝ пласира обвинителен акт против мене, а не празни и неосновани сознанија и информации, дискредитирајќи ја во целост функцијата која ја извршува“, вели Муареми.
Тој во реакцијата додава дека негонењето криминал поради притисоци е кривично дело, а за честа и угледот на обвинителната вели дека е беспредметно да коментира.
Во врска со повикот на Русковска меѓународната заедница и европската обвинителка Лаура Ковеси да ги проверат сите предмети што ги работи нејзиното обвинителство и да се расчисти кој во оваа држава се бори против криминал, а кој прави криминал, Муареми одговара дека се придружува на повикот. Меѓутоа, како што вели, за меѓународната заедница да го провери нејзиното незаконско работење што го констатирал и државниот обвинител Љубомир Јовески.
„Се придружувам и јас кон вашиот повик до амбасадите и сите страни на кои се повикувате за ’помош‘ – нека го потврдат и тие она што јавниот обвинител на Република Северна Македонија го утврди со надзорот над вашето незаконско работење и неетичко постапување. Одговорност за вашето самоволие мора да има“, изјави Муареми во реакцијата.
Н.П.