Високиот претставник на Европската унија за надворешна политика и безбедност, Жосеп Борел изјави дека ЕУ ќе почне да работи на предлогот на неколку земји-членки за воведување нови санкции кон Иран во врска со нападот врз Израел.
„Некои земји-членки предложија усвојување на проширување на рестриктивните мерки против Иран. Ќе испратам барање до дипломатската служба на ЕУ да ја започне потребната работа поврзана со овие санкции“, изјави синоќа Борел по вонредната видео-конференција со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Борел појасни дека се работи за предлог за проширување на санкциите, со што, меѓу другото, ќе се ограничи испораката на ирански беспилотни летала за Русија, како и за иранските соработници на Блискиот исток, како што се групите Хамас и Хезболах.